ФДА: НЕ СТЕ КОЊИ, ПРЕСТАНЕТЕ ВЕДНАШ! Луѓе во САД го користат лекот ивермектин кој е за животни

Агенцијата посочува дека пациентите кои ќе се предозираат со ивермектин може да доживеат гадење, повраќање, дијареа, низок крвен притисок, алергиски реакции, вртоглавица, проблеми со рамнотежата, напади, кома, па дури и смрт.

962

Администрацијата за храна и лекови на САД (ФДА) неодамна испрати сериозно предупредување до луѓето да престанат да земаат ветеринарни лекови за лекување или спречување на ковид-19, откако добија повеќекратни извештаи за пациенти хоспитализирани откако самите се лекувале со ивермектин за коњи, пренесува Ен-Би-Си.

– Вие не сте коњи, ниту крави. Сериозно, сите. Престанете! – напиша ФДА на својот официјален Твитер профил во саботата, со детално објаснување зошто лекот може да биде опасен за луѓето.

 






За што друго се користи ивермектин?

Ивермектин, кој не е антивирусен лек, генерално се користи за лекување или спречување на паразитски заболувања кај животните.

– Овие лекови за животни често се високо концентрирани бидејќи се користат за големи животни како коњи и крави, кои можат да тежат многу повеќе од луѓето. Таквите големи дози може да бидат многу токсични за луѓето – се вели во соопштението на ФДА.

ФДА посочува дека пациентите кои ќе се предозираат со ивермектин може да доживеат гадење, повраќање, дијареа, низок крвен притисок, алергиски реакции, вртоглавица, проблеми со рамнотежата, напади, кома, па дури и смрт.

„Понекогаш не знаеме како неактивните состојки ќе влијаат врз апсорпцијата кај луѓето“

Агенцијата на својата веб-страница појасни дека таблетите ивермектин одобрени од ФДА за луѓе се наменети за третман на луѓе со одредени состојби предизвикани од паразитски црви, како и за локални формулации што се користат против вошки и за кожни болести како што е розацеа. Тие се разликуваат од лековите што се користат кај животните, а таблетите ивермектин и локалните формулации наменети за луѓето имаат „многу специфични дози“ кои се значително помали од дозите наменети за животни.

Покрај тоа, „многу од неактивните состојки пронајдени во производите за животи воопшто не се оценети за употреба кај луѓето“, предупреди ФДА, додавајќи: „Во некои случаи, не знаеме како овие неактивни состојки ќе влијаат на апсорпцијата на ивермектин во човечкото тело“.

ФДА конкретно изјави дека не одобрила каква било форма на лекот ивермектин за употреба во третманот или спречувањето на ковид-19 кај луѓето.

Поврзани содржини