Фаучи: Вирусот никогаш нема да исчезне, можно е да се стави под контрола дури по 2 години
Директорот на Националниот институт за алергија и заразни болести на САД Ентони Фаучи, рече дека светот никогаш нема да може да се ослободи од новиот коронавирус, кој зарази 18,8 милиони луѓе и предизвика 700.000 смртни случаи.
Во интервју за Ројтерс, како што пренесува Гласот на Америка, Фаучи рече дека причината поради која вирусот никогаш нема да исчезне е зашто многу лесно се пренесува. Сепак, според него, комбинацијата од вакцина и почитување на јавните здравствени мерки, ќе овозможи пандемијата да се надмине.
Тој смета дека светот ќе може да го стави под контрoла вирусот дури по следната година, нагласувајќи дека е претпазлив оптимист оти дотогаш ќе биде одобрена ефективна вакцина.
– Веројатно ќе имаме можеби десетици милиони дози вакцина на почетокот на следната година. Но, како што ќе влеземе во 2021 година, производителите ни велат дека ќе имаат стотици милиони, веројатно и милијарди дози до крајот на 2021 – рече Фаучи.
Неговата прогноза за ковид-19 се совпаѓа со најавата на фармацевтскиот гигант „Џонсон енд Џонсон“, кој соопшти дека склучил договор со Владата на САД од над една милијарда долари, да обезбеди 100 милиони дози вакцина.