ФАТМИР ДЕХАРИ ОБВИНEТ ЗА ЕКО-КРИМИНАЛ Градоначалникот на Кичево создал депонија покрај куќи

Полицијата поднесе кривична пријава против кичевскиот градоначалник поради сомнежи за загрозување на животната средина и несовесно работење.

216

Градоначалникот на Кичево, Фатмир Дехари, се соочува со сериозни обвинувања откако против него беше поднесена кривична пријава поради сомнение за две кривични дела: „несовесно работење во службата“ и „загрозување на животната средина и природата со отпад“.

Како што информираат од Одделението за внатрешни работи Кичево, во текот на изминатите неколку години, односно од 2020 година наваму, Дехари, постапувајќи спротивно на своите законски обврски, дозволил да се формира нелегална депонија во населена зона во градот, зафаќајќи површина од неколку илјади квадратни метри.






„Наместо да постапи во согласност со Законот за управување со отпад и Законот за заштита на животната средина, пријавениот давал усни и писмени задолженија до општинските служби отпадот секојдневно да се остава на таа локација, без притоа да биде исполнет ниту еден еколошки стандард“, велат од ОВР Кичево за медиумите.

Според наводите, токму поради овие постапки, сериозно бил нарушен квалитетот на воздухот, почвата и водотеците во областа, со што директно биле загрозени животните услови на жителите, како и опстанокот на животните и растителниот свет.

Од полицијата нагласуваат дека случајот бил темелно документиран и процесуално обработен по долготрајна истрага и следење на состојбата на терен.

„Се работи за сериозно нарушување на еколошката рамнотежа во Кичево и несоодветно управување со јавните ресурси. Нашите службеници утврдија дека градоначалникот не спровел ниеден ефективен надзор, а со тоа дозволил трајно загадување во непосредна близина на населението“, истакнуваат од ОВР Кичево.

Поврзани содржини