ФАТЕНИ СО ЗЛАТО ВРЕДНО ПОЛОВИНА МИЛИОН ЕВРА Белгиски пар се обидел да прошверцува 1,7 килограми накит

Двајцата осомничени на 6 април пристигнале во Скопје со лет од Виена. Наместо да ја поминат царинската контрола, тие се упатиле на зелениот канал – линијата за патници кои немаат ништо за пријавување. Таму, царински службеници при рутинска проверка ги селектирале нивните куфери и откриле сомнителна содржина.

819

Основното јавно обвинителство Скопје отвори истражна постапка против две лица – маж и жена од Антверпен, Белгија, кои се осомничени за кривично дело криумчарење, откако на скопскиот аеродром биле фатени како пренесуваат златен накит во вредност од речиси половина милион евра, без да го пријават на царина.

Двајцата осомничени на 6 април пристигнале во Скопје со лет од Виена. Наместо да ја поминат царинската контрола, тие се упатиле на зелениот канал – линијата за патници кои немаат ништо за пријавување. Таму, царински службеници при рутинска проверка ги селектирале нивните куфери и откриле сомнителна содржина.






Во куферите на мажот биле пронајдени бројни празни кутии за накит и други предмети. Тој признал дека патува со сопругата, која веќе ја поминала пасошката контрола. Малку подоцна, жената се вратила и при дополнителен преглед во нејзиниот ранец биле пронајдени вкупно 209 парчиња златен накит со тежина од 1.711 грама, проценети на 479.555 евра.

Од Обвинителството информираат дека веднаш бил поднесен предлог до судот за определување мерка притвор за двајцата осомничени.

„Станува збор за организирана активност во која осомничените наменски избегнале царински преглед со цел да ја внесат вредната стока без да ја пријават. Со тоа постои опасност од бегство и повторување на делото“, информираат од Основното јавно обвинителство Скопје.

Царинската управа ја одзеде стоката, а истрагата продолжува.

Поврзани содржини