Ако ме фатат, за ПЦР ќе ме скратат!
Сакавме да извадиме регуларно, но цената за брзо добивање на резултатите во приватните лаборатории чинеше повеќе од цената на аранжманот, вели нашиот соговорник.
Поради пандемијата од ковид-19 за влез во некои земји е потребен негативен ПЦР тест направен 24, 48 или 72 часа пред влезот, па поради неможноста или краткиот временски период, многумина се одлучуваат ваквите тестови да ги побараат на црниот пазар каде се продаваат фалсификувани.
Купувањето на лажните тестови претставува кривично дело согласно член 378 став 1 од Кривичниот законик, па лицата го прифаќаат овој ризик, а доколку бидат фатени од полицијата може да се соочат со парична казна или казна затвор до три години.
Плусинфо разговараше со едно лице кое на црниот пазар купило лажен ПЦР тест, а кое му било потребно да влезе во Бугарија, затоа што патувало во еден од скијачките центри во оваа земја.
– Со пријателите одлучивме да искористиме еден од продолжените викенди минатата година и да заминеме во Бугарија. Дознавме дека ни е потребен негативен ПЦР тест, мислам не постар од 48 часа, но ние немавме токлу време. Сакавме да извадиме регуларно, но цените за брзо добивање на резултатите во приватните лаборатории чинеа повеќе од цената на аранжманот – вели нашиот соговорник.
Тој додава дека и покрај ризикот да бидат фатени со лажен ПЦР тест при минувањето границата, сепак се одлучиле да набават ваков документ.
– Преку пријатели дознавме за ваквите документи и ги купивме по цена од 1.500 денари за еден. Знаевме во каков ризик влегуваме, но за наша среќа, на граничниот премин Деве Баир, поминавме без никаков проблем и влеговме во Бугарија – ни открива тој.
Од Министерството за внатрешни работи нѐ информираа дека во периодот од 16.02.2021 до 01.03.2021 на граничните премини кои се под Регионалниот центар за гранични работи Север (меѓу кои спаѓаат и Меѓународниот аеродром – Скопје и Граничниот премин Табановце) откриени се 71 лице со фалсификувани ПЦР тестови со негативен наод и сите се откриени на Меѓународниот аеродром Скопје.
– Лицата ги прикажувале потврдите како вистински, иако знаеле дека воопшто не се тестирале во наведената лабораторија и дека не поседуваат сертификат за негативен ПЦР тест. Фалсификуваните тестови се откриваат преку чекинг службата на аеродромот, кои имаат систем на проверка Авицио поврзан со сите релевантни лаборатории во Република Северна Македонија, кои одговараат на барањата – велат за Плусинфо од Министерството за внатрешни работи.
Од МВР велат дека во досегашниот период на Граничниот премин Деве Баир откриени се вкупно 76 фалсификувани негативни ПЦР тестови.
– Што се однесува до цената на тестовите, според исказите на лицата кај кои биле откриени фалсификувани тестови, таа се движи од две до три илјади денари – ни рекоа од МВР.
Од Основното јавно обвинителство речиси секојдневно соопштуваат дека се поднесени обвинителни предлози против лица кои користеле лажни ПЦР тестови, а покрај македонски државјани, овие „услуги“ кои се продаваат на црниот пазар ги користат и странците, најчесто од Турција и од Косово, но има и од Албанија, Велика Британија, Украина и од многу други земји.
– Основното јавно обвинителство Скопје од втората половина на февруари до сега постапувало против повеќе од 30 сторители на вакви кривични дела, кои биле затекнати во извршување при патување од Меѓународниот аеродром Скопје – ни соопштија од ОЈО.
Оттаму за Плусинфо изјавија дека постапувањето е според Кривичниот законик, односно според член 378 од Кривичниот законик – Фалсификување исправа.
– Имено согласно став 1 од овој член „тој што ќе направи лажна исправа или ќе преправи вистинска исправа со намера таквата исправа да се употреби како вистинска или тој што лажната или преправената исправа ќе ја употреби како вистинска, ќе се казни со парична казна или со затвор до три години. Висината на казната ја одмерува судот. Со досегашното постапување се опфатени и македонски и странски државјани – велат од Јавното обвинителство.
Со оглед на тоа што се работи за кривично дело кое се гони по скратена постапка, во дел од предметите каде што обвинетите ја признале вината, изречена е и првостепена пресуда од надлежниот суд.