„Фаланга Херонеја“: Шилегов многу добро знае дека незаконското рушење на галијата ќе биде на товар на Градот
„Фаланга Херонеја“ ДООЕЛ категорично и целосно ја отфрла содржината на, како што вели, лажните информации објавени деновиве на социјалните мрежи од страна на градоначалникот Петре Шилегов, како невистинити и тенденциозни.
Градоначалникот Шилегов објавил дека се создадени правни услови за отстранување на галијата кај МЕПСО. Реакцијата на „Фаланга Херонеја“ ДООЕЛ ја пренесуваме во целост:
„Ваквите објави на Шилегов се во сосема неточен контекст со цел дезинформирање на јавноста, манипулирање со фактите и нанесување штета на угледот на нашата компанија. Во интерес на вистината, должни сме објективно да ја информираме јавноста со фактичката состојба.
Имено, во текот на 2016 година со интензивирање на градежните активности околу изградбата на панорамското тркало, пристапот до галијата беше блокиран и претворен во градилиште. Со интензивното прекопување и преградување на реката Вардар на само неколку метри оддалеченост од галијата, бевме соочени со неподнослива бучава од градежна механизација и прашина. Исто така, поради насипот со кој протокот на реката беше значително намален во неколку наврати беа предизвикани и поплавувања на галијата. Напоменуваме дека останатите две галии во овој период, не се соочуваа со вакви или слични проблеми.
Заради новонастанатите околности кон крајот на 2016 година, по наше барање, беше извршен увид од страна на надлежна комисија на Град Скопје при што беа констатирани сериозни проблеми кои го попречуваат нормалното и економски оправдано функционирање на објектот.
Врз основа на извештајот/записникот на Комисијата, со Градот беше потпишан Анекс со кој беше утврден прекин (мирување) на основниот договор на неопределено време, сѐ до отстранување на причините поради кои дошло до прекин на дејноста.
Не се точни информациите информациите изнесени при јавните настапи на градоначалникот во медиумите и објавите на социјалните мрежи, за наводно добиено известување во 2018 година за продолжување со вршење на дејност на објектот, како и за наводно добиените решенија во март годинава за раскинување на основниот Договор и за дислокација на објектот, по основ на ‘неисплатени закупнини’.
Одговорно тврдиме дека во споменатиот период нашата компанија не ги добила наведените документи. Последниот писмен акт добиен од Град Скопје е Анексот од 2016-та година. Во таа смисла не е остварена ниту било каква електронска кореспонденција.
Доколку Градот ценел дека се исполнети законските услови, досега би ја активирал банкарската гаранција и ќе си ги наплател паричните средства.
Но, Шилегов многу добро е запознаен што содржи целокупната документација помеѓу договорните страни, а воедно знае и дека секој обид и акт на незаконско рушење на галијата ќе биде на товар на буџетот на Градот, што само по себе имплицира кривична одговорност за злоупотреба на буџетски средства.
Напоменуваме дека како засегната страна ќе ги преземеме сите правни механизми, вклучувајќи и судска заштита пред меѓународен суд“.