ЕВТИНО ПРОДАДЕНО ЗЕМЈИШТЕ НА АТРАКТИВНА ЛОКАЦИЈА Од ВМРО-ДПМНЕ изразија сомнеж за незаконски дејствија
Зошто градоначалниците на СДСМ од општина Центар и Министерството за транспорт и врски криејќи се под превезот на нивните омилени термини „рамномерна урбанизација“, „мораториум на градење“, „урбано зеленило“, дозволија да се случи огромна бетонизација на центарот на главниот град?, прашува Ивановски.
Општина Центар и Министерството за транспорт и врски дозволиле продажба од само 7 евра за метар квадратен на атрактивна локација во Центар, на која ќе се гради станбен објект, обвини денеска ВМРО-ДПМНЕ.
– Во општина Центар, спроти зградата на „Нова Македонија“, кон приватен инвеститор продаваат државно земјиште за сума од неверојатни 7 евра за м2, поточно смешни 438 денари за м2. За информација, на таа локација земјиште се продава и по многу повисока цена, а станбен или деловен простор доаѓа и до 2.000 евра. Е тука, продаваат градежно земјиште за 7 евра по квадрат – рече Синиша Ивановски од ВМРО-ДПМНЕ.
Тој вели дека на оваа локација се планира изградба на деловен објект во висина од 15 ката.
– Значи, 15 ката висина кога ќе помножиме со по 2.000 евра за м2, доаѓаме до вредност од 30.000 евра за м2, а општина Центар и Министерството за транспорт и врски дозволуваат продажба од само 7 евра за м2. Свесни дека оваа продажба на државно земјиште би изгледала матна во очите на јавноста и затоа буквално во очи на Нова година, 29 декември, Министерството за финансии склучува договор, односно носи решение со коешто се прифаќа барањето на инвеститорот за приватизација на градежно земјиште во државна сопственост. На ова му претходело договор склучен на 02 октомври 2020 помеѓу градоначалникот на општина Центар Саша Богдановиќ со фирмата која како инвеститор бара отуѓување на градежно земјиште во државна сопственост. Цената на оваа спогодба изнесува по 1 евро/м2 – рече Ивановски.
Тој вели дека од сите претходно наведени факти се поставуваат логични сомнежи и прашања.
– Дали во целава постапка за дооформување на градежно земјиште постои и сомнеж за незаконски дејствија? Дали инвеститорот е свесен дека 7 евра е прениска цена за купување на таква ултра луксузна локација, морал разликата од тие 7 евра до пазарната цена некаде и некому да ја доплати? Зошто градоначалниците на СДСМ од општина Центар и Министерството за транспорт и врски криејќи се под превезот на нивните омилени термини „рамномерна урбанизација“, „мораториум на градење“, „урбано зеленило“, дозволија да се случи огромна бетонизација на центарот на главниот град? – прашува Ивановски.