ЕВРОПСКИОТ ПАТ ДА НЕ СЕ ОБРЕМЕНУВА СО БИЛАТЕРАЛНИ ПРАШАЊА Муцунски разговарал со својот бугарски колега

197

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска оствари телефонски разговор со својот бугарски колега, министерот за надворешни работи, Георг Георгиев, соопшти МНР.

Министерот Георгиев го информирал министерот Муцунски за одлуката која е донесена од бугарското Собрание, а која се однесува на напредокот на Македонија во процесот на пристапување во Европската унија.






Во разговорот, министерот Муцунски ги повторил принципиелните позиции на нашата земја поврзани со процесот на евроинтеграција. Притоа, тој ја нагласи подготвеноста на државата за натамошно унапредување на соработката со Бугарија во насока на градење поголема меѓусебна доверба, во интерес на граѓаните.

– За таа цел, подготвени сме да продолжиме со активен придонес во градењето доверба заснована на принципиелност и заемно почитување. Како соседи и НАТО-сојузници, двете земји имаат заедничка обврска, ориентирани кон иднината, да продолжат да развиваат односи засновани на европски принципи – истакнал Муцунски.

Во таа насока, министерот уште еднаш ја потенцирал нашата посветеност на европскиот пат, кој не треба да биде обременет со билатерални прашања.

„Владата посветено работи на реформската агенда и на исполнување на Копенхашките критериуми, кои треба да бидат единствен услов за членство на земјата во Европската унија“, се наведува во соопштението.

Поврзани содржини