„ЕВРОПСКИОТ ФРОНТ“ СЛАБЕЕ ПРЕД ИЗБОРИ Демократската партија на Турците на Македонија ќе настапи самостојно

Од партијата нагласуваат дека за нив изборите не се обична трка за советнички места, туку борба за достоинствено, јасно и ефикасно политичко претставување на турската заедница.

157

Демократската партија на Турците на Македонија (ДПТМ), која досега беше дел од коалицијата „Европски фронт“ предводена од ДУИ, денеска преку официјално соопштение објави дека органите на партијата донеле одлука на претстојните локални избори, закажани за 19 октомври 2025 година, да настапи целосно самостојно.

– Денес, како Демократска партија на Турците на Македонија, се обраќаме пред вас со одлука што ќе отвори ново и значајно поглавје во политичката историја на турската заедница во нашата земја. По долги и темелни консултации со нашите членови, органи и сограѓани, Централниот управен одбор и Централното собрание на партијата донесе едногласно одлука дека на локалните избори што ќе се одржат на 19 октомври 2025 година, ДПТМ ќе настапи самостојно – со сопствени кандидати за советници и кандидати за градоначалници во општините каде што живее претежно популација од турската заедница – истакнаа од ДПТМ.






Од партијата нагласуваат дека за нив изборите не се обична трка за советнички места, туку борба за достоинствено, јасно и ефикасно политичко претставување на турската заедница.

– Во согласност со јасно изразената волја на народот, донесена е и одлука за излегување од коалицијата „Европски фронт“. Со овој чекор ја зацврстуваме нашата независна политичка позиција и ја потврдуваме нашата решеност директно да му служиме на народот, без посредници и компромиси што би ја разлабавиле нашата мисија. Демократската партија на Турците на Македонија останува верен и доследен чувар на интересите на турската заедница – велат од партијата.

Листите за советници, како што истакнуваат, ќе бидат составени во непосредна соработка со граѓаните. Вратите на партијата остануваат отворени за секој кој сака активно да придонесе за подобра иднина.

– Секој наш кандидат ќе биде дел од народот и глас на народот. Ние ќе дејствуваме целосно независно, водени од нашата визија, принципи и верба во заедничките вредности – додаваат од ДПТМ.

Нашата цел, како што велат од партијата, не е само да се победи на изборите, туку да се обезбеди достоинствено и ефективно претставување на турската заедница пред локалните власти.

– Заедно ќе чекориме, заедно ќе успееме. Сега е времето за единство! Нека овие избори бидат на чест и корист за нашата држава, нашата нација, нашиот народ и нашата партија – рекоа од ДПТМ.

Поврзани содржини