Европски мизерии

Просто е неверојатно што се случува во и околу Македонија, ама кога ќе се сфати до каде „лидериве“ го урнисаа достоинството на државата, за никого не е спорно дека заслужуваме третман на заостанат протекторат.

1,046

Веќе нема место за никакви сомневање дека, кога е Македонија во прашање, Брисел е спремен на сѐ. Но, за жал, вината за тоа а апсолутно наша. Откако европските бирократи видоа со какви некадарници си имаат работа во нашава земја, јасно им било дека можат да (ни) прават што сакаат. Просто е неверојатно што се случува во и околу Македонија, ама кога ќе се сфати до каде „лидериве“ го урнисаа достоинството на државата, за никого не е спорно дека заслужуваме третман на заостанат протекторат.

Најновиот доказ за горните констатации се случи на 20/10/2022 кога, како претседавач на ЕУ, чешката Амбасада организираше конференција во Скопје, под наслов „Можности за проширување“. Најавената цел беше – „подобрување на добрососедските односи и дијалогот меѓу Скопје и Софија, како и можностите за зајакнување на економската соработка“. Ја организирале во соработка со нивната Амбасада во Софија, каде била и правата конференција. Со право, ќе речете – убава иницијатива. Да, ама не е баш така. Замислете, конференцијата во Скопје се одржала без официјален македонски претставник, и без превод на македонски јазик! Кои се, и кај се тие идиоти што тврдат дека Брисел го признава македонскиот јазик? Или, дури и пострашно – како замислуваат мудрите „европејци“ дека ќе ги подобруваат односите меѓу Скопје и Софија, без наше официјално присуство? Од кога не сте чуле за поголема глупост? Наводно, имало новинари и претставници од наши невладини организации?






Обраќања имале амбасадорите на Чешка, на ЕУ, на Шведска (иден претседавач со ЕУ), на Шпанија (следен претседавач), на Словачка, и, се разбира, на Бугарија. Се одржале и две панел дискусии, на коишто учествувал јапонскиот амбасадор во земјава, претставник на Делегација на ЕУ и на чешка банка, ама и Бугаринот, Руслан Стефанов, од некаков Центар за проучување на демократијата. Двајца Бугари, и ниеден Македонец! Треба ли посебен акал за да се сфати дека се промовираат бугарските будалштини, зад коишто застана и Брисел?

Кога ги читате пораките од настанот, недискутабилен е впечатокот дека целта е Македонија да се убеди да продолжи со капитулантските политики на игнорирање на своите фундаментални интереси. Зошто, инаку, сите панелисти би нѐ убедувале за погодностите кои ги носи членството во Унијата: за – „заедничкиот европски пазар и придобивките кои тој ги носи за земјите членки“; дека – „членството носи предности како поголема стабилност, просперитет и демократска одговорност“; за – искуството на нордиските земји коишто имаат минато од војни и конфликти… а, денес се најдобри сојузници во ЕУ; за – позитивните искуства меѓу Шпанија и Португалија, меѓу Чешка и Словачка, меѓу Италија и Словенија…

Особено внимание заслужува излагањето на евроамбасадорот, Гир. Рекол – „Често, проблемите помеѓу нациите се поврзуваат со несигурност, историја, болки и трауми од подалечни или поблиски времиња и често тие ги допираат и идентитетските прашања, за тоа кои сме“, и продолжил – „Затоа, во промоцијата на добрососедските односи сите мораме да се однесуваме со почит и отвореност, да се слушаме меѓу себе во дух на пријателство“. Додал – „Со тоа не го губиме нашиот идентитет. Процесот на пристапување во ЕУ може да помогне за поголема промоција и унапредување на односите, не мора да значи откажување од историјата и идентитетот туку напротив“. Зарем, на човеков не му е познато дека Бугарија го блокира и уценува нашето членство во ЕУ токму со наше откажување од македонската историјата и идентитет? Или, сака да нѐ подготви за тоа? Сепак, дел од неговата порака е сосема прецизен – „пристапувањето во ЕУ… НЕ МОРА да значи откажување од историјата и идентитетот“! Со други зборови, тој ни најавува дека – МОЖЕ! Тука, сосем коректно, го најавил нашиов случај: не мора, ама може!

Празна фраза е неговото тврдење, кога вели – „често, проблемите помеѓу нациите … ги допираат и идентитетските прашања, за тоа кои сме“. Што сака да ни каже Гир? Ја правда Бугарија? Такви случаи сигурно имало во историјата, ама доста ретки и биле крајно невообичаени. Барем во Европа. Русија, на пример, не негира постоење на издвоен украински народ, украински јазик… иако некои извлекуваат паралела во однесување на Русија и Бугарија. Впрочем, немаше да има руска интервенција, ако не беа политиките на НАТО, за влез во Украина. За нас е најважно што сличен, и толку имбецилен пример како бугарското игнорирање на Македонците – немало. Не заборавајте – тоа трае барем 150 години! Може ли некој да објасни – како можело толку време да има „Македонско прашање“, без да има Македонци? Начинот, пак, на кој Брисел го толерира средновековното бугарско однесување, е историски резил за ЕУ.

Додатен доказ дека спомнатата конференција е кардинална утка, е и излагањето на бугарскиот амбасадор, Ангелов. Тој ги игнорирал налудничавите политики на Софија кон Македонија или, поточно, национал-шовинистичките глупости со коишто не бомбардираат веќе пет години, и бла, бла… зборувал само за трговијата, Коридорот 8…, коишто прашања воопшто не се спорни. Впрочем, за да се заклучи дека конференцијата беше целосно бесмислена, доволен е фактот што не учествуваа македонски претставници, плус навредливиот податок дека среде Скопје беше игнориран македонскиот јазик.

Неспорен е заклучокот дека целиот настан е замислен како отворена поддршка на Бугарија и нов притисок врз Македонија, да продолжи да ги голта кнедлите подготвени во Софија. Ако една од клучните карактеристики на Унијата е солидарноста меѓу членките, што може друго и да се очекува од Брисел, Париз, Берлин, Прага… кога Софија решила да спроведува геноцидни политики кон Македонците?

Оваа конференција, и сѐ што се случуваше околу неа, е голем неуспех за Унијата и посебно за Чешка. Тоа беше само нова демонстрација на бирократизмот којшто масовно го окупира Брисел. Заедно со сѐ почестото користење на двојните стандарди и непринципиелни политики, Унијата отворено работи во корист на сопствената штета. Чешка, пак, како претседавач со ЕУ, со конференцијата регистрира дека нешто прави, иако сето беше крајно бесмислено и бескорисно, дури и штетно. Барем за Македонија. Просто неверојатно: се презема иницијатива за надминување на недоразбирањата меѓу Македонија и Бугарија, коишто се сведуваат на недозволена бугарска агресија врз нашата земја и при тоа без учество на другата страна! Фактот, пак, што се игнорирал и македонскиот јазик, бидејќи тоа би можело да ги „навреди“ Бугарите, во најмала рака покажува дека Брисел не знае што прави.

Единствената поука од сета оваа ујдурма е веројатно пораката од брифингот којшто, пред конференцијата, чешкиот амбасадор, Лудва, го имал со новинарите. Им рекол – „преговорите со ЕУ се долг и тежок процес и оти реформите се во неговата основа и доколку државата не ги спроведе, не може да оди напред на патот кон ЕУ“.

Ако ние навистина бевме некаква држава, нашето МНР ќе мораше да реагира. Барем од чешката Амбасада да побара објаснување зошто немаше наши претставници и, се разбира, зошто ни го игнорираа јазикот?

Интересно е дека новинарката на БТА од Скопје го цитирала Гир дека процесот на пристапувањето не мора да значи откажување од историјата и идентитетот ама, додала, дека е тоа – барање! За разлика од нас, другите си ја тераат водата на својата воденица.

Фактот, пак, што во нашите медиуми немаше никаква вест од Софија, за конференцијата која беше одржана таму, покажува дека навистина сме полоши и од протекторат. Држава која нема постојани дописници од соседните земји, ама и од главните светски центри, колку и да е таа мала и сиромашна, не заслужува никаква поширока почит. Тоа особено важи за Македонија, којашто е под постојана агресија речиси од сите соседи, и мора длабински да следи што се случува кај нив. Ако МИА, сепак, има постојан дописник од Бугарија, а ништо на јавил за конференцијата, треба да се преиспита неговата работа. Факт е дека во медиумите воопшто нема дописнички вести и анализи од Бугарија, туку сѐ е вадено од интернет.

Поврзани содржини