Европски идентитет што го нема
Не случајно многумина размислуваат поставувајќи прашање кога би можела да заврши еврофобијата, која го разјадува европското ткиво одвнатре, ако не заврши сега, во услови на редефинирање на геополитичките односи?
Западот каков што го знаеме не постои повеќе, рече деновиве претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен. нагласувајќи го тоа во услови на брзо влошување на односите со САД под администрацијата на Доналд Трамп, што ја принуди Европа да бара сојузници и партнери на друго место.
Но каков европски идентитет добива значење врз пукнатините на нарушените трансатлантски односи? Атлантикот, замислен како можност за спојување, одеднаш означува огромна дистанца, ‒ како што веќе многумина велат во Европа, ‒ помеѓу авторитарните САД и дезориентираната Европа. Посебно во однос на забрзувањето на процесите на вооружување и јакнење на одбранбените капацитети.
По говорот на Џеј Ди Венс на Минхенската безбедносна конференција, европскиот континент го погоди значајно чувство на криза. Но, во дебатата доминираат добро познатите фрази во врска со лидерството на Европа, безбедносната политика и поддршката за Украина. А уште поинтересна е, се чини, дискусијата за делумно потиснатата и затскриена криза на европскиот идентитет.
Токму затоа, многумина во актуелната европска дебата ги доживуваат слабото лидерство и недоволно финансираната одбрана како симптоми на фундаментален проблем, а што всушност се однесува, како и многупати порано, на неспособноста на Европа воопшто да се обликува.
Вака би можело да се разбере познатата анегдота за тоа како Хенри Кисинџер еднаш се запрашал кому би требало да се јави за да зборува со Европа. А со што, всушност, требаше јасно да се означи континент кој не е способен да се дефинира себеси.
Факт е дека во последните години наместо продлабочување на интеграцијата, сѐ повеќе добива замав дезинтеграција, така што голем број европски земји се вртат кон себеси и ги зајакнуваат своите гранични конторли. На таков начин поимот интеграција повеќе станува национална грижа на секоја земја одделно. Контролите и бариерите добиваат нова смисла во безграничниот европски простор.
Но дури и кај оние кои посакуваат и се залагаат за јакнење на „заедничкиот“ европски идентитет, интересот за националните особености е многу поголем отколку за тоа што би можело да се дефинира како заедничко за Европа.
Не случајно многумина размислуваат поставувајќи прашање кога би можела да заврши еврофобијата, која го разјадува европското ткиво одвнатре, ако не заврши сега, во услови на редефинирање на геополитичките односи?
Факт е дека многу студена вода протекла врз ентузијазмот по отстранувањето на Железната завеса што ја делеше Европа, а што во релативно краток период овозможи проширување на европското семејство и соработка со голем број нови земји-членки. Тоа јасно беше потврдено и со плебисцитарните изјаснувања на избирачите во одделни земји кои во европските интеграции гледаа јасна иднина за сопствениот развој.
Почетниот обединувачки стимуланс беше означен со падот на Берлинскиот ѕид на 9 ноември 1989 година, а по нецела година од тој значаен датум се обединија Источна и Западна Германија, откако беа одвоени 41 година. Со германското обединување Источна Германија автоматски стана дел од Европската заедница, претходник на ЕУ, и тоа беа никакви преговори за членство или преодни правила.
Истото чувство околу надминување на историските грешки и недоразбирања беше недвосмислено присутно и при наредните кругови на проширување на ЕУ кон Исток. Без оглед што тој процес бараше релативно долги преговри, но и „затворање очи“ пред некои недоследности, така што во 2004 и 2007 година десетина земји од поранешниот Источен комунистички блок станаа полноправни ЕУ-членки.
Од денешна гледна точка може без никакво претерување да се констатира дека сепак не беше доволно само со добра волја и инвестиции да се претопат во иста развојна насока земји со различен политички систем, историја и вредности. Во рамки на ЕУ денес е сосема јасно присутен јаз меѓу Западот и Истокот во однос на низа суштествени политички прашања – погледот кон развојот на социјалната држава, конкуренцијата со платите и условите за вработување, односот кон миграцијата, рамноправноста, климатските прашања. Или, на пример, јазот кој се зголемува меѓу одделни бивши комунистички земји и други членки на ЕУ кога станува збор за заложбите за зацврстување на принципите на правната држава и борбата против корупцијата.
„Европа е сè уште мировен проект“, нагласи Фон дер Лајен во интервјуто за „Цајт“, потенцирајќи притоа дека има дванаесет земји на листата на чекање за да станат членки на Европската унија, а што е околу 150 милиони луѓе.
Можниот заклучок што се сугерира, како сознание кое изнурнува од длабочините на европските перспективи, е дека во празнината што зад себе ја оставаат САД, Европа може да има јасна улога. Најважната задача е ЕУ да успее да го прикаже континентот на начин што ги прави неговите заложби праведни, во светлината и врз силата на европските вредности.
ЕУ-членките споделуваат одредени суштински вредности, кои го чинат темелот на слободно општество. ЕУ ги штити заедничките вредности за да гарантира инклузивност, толеранција, правда и солидарност. Во контраст на она, сметаат критичарите, што сега се случува од другата страна на Атлантикот.
Најдалеку во таквите критики одат оние кои велат дека Европа полесно би се ослободила од својата безидентитетска состојба, доколку собере сили за да застане цврсто против САД како негативен урнек.