ЕВРОПСКАТА УНИЈА ЈА ПОТТИКНУВА ЗЕЛЕНАТА ТРАНЗИЦИЈА НА ЕСМ Доделен е грант од 1,5 милиони евра

Помошта ќе се реализира преку Германската развојна банка КфВ.

57

ЕСМ добива грант од 1,5 милиони евра од Европската Унија, наменета за зајакнување на внатрешните капацитети и забрзување на клучните активности за енергетска транзиција на компанијата. Помошта ќе се реализира преку Германската развојна банка КфВ.

Лазо Узунчев, генерален директор на АД ЕСМ рече дека грантот од Европската Унија, овозможен преку КфВ, претставува стратешки камен-темелник за институционална трансформација на ЕСМ кон сеопфатна, зелена и пазарно-ориентирана компанија.






-За ЕСМ ова е повеќе од премин кон обновливи извори на енергија, туку сериозна посветеност да станеме модерна и комерцијално конкурентна сила на европскиот енергетски пазар. Финансирањето ќе биде алатка за зајакнување на нашите внатрешни капацитети и корпоративно управување, преку финансирање на критични иницијативи за моделирање и стратешко планирање. Овој институционален фокус ја осигурува нашата оперативна одржливост, ја зајакнува енергетската безбедност на земјата и значително ги забрзува нашите напори за намалување на јаглеродниот отпечаток – рече Узунчев.

Штефан Худолин, Раководител на Одделот за соработка во Делегацијата на ЕУ во земјава рече дека забрзувањето на зелената транзиција никогаш не било толку блиску и толку возможно.

-Со поддршката од Европската Унија и гаранциите на ЕФСР+  земјата ќе добие финансиски средства и технички насоки од нашите партнери во КфВ за да ја забрза трансформацијата и декарбонизацијата на енергетскиот сектор во Северна Македонија. Оваа заедничка акција има трансформативен ефект за преминување од јаглен на зелена енергија, но истовремено придонесува за создавање на стабилен енергетски сектор во многу нестабилен климатски и геополитички свет – рече тој.

На потпишувањето на Договоротприсуствуваше и амбасадорката на Сојузна Република Германија, Петра Дрекслер според која последните  20 години Германија ја поддржува енергетската транзиција на јавните енергетски објекти во Северна Македонија.

-Покрај финансискиот ангажман, развојната германска банка КфВ става на располагање и експертиза со техничко водство и управување. Декарбонизацијата е прашање на тимска работа, а Германија и КфВ се посветени на постојаната поддршка за Северна Македонија на овој пат – рече Дрекслер.

Поврзани содржини