Европската Унија, каква што ја знаевме, повеќе не постои!
И Западот и Европската Унија, какви што ги познававме, веќе не постојат. Сега треба да покажеме дека и Македонија, каква што ја познаваше светот долги години – слаба, подложна на притисоци и на закани, сервилна кон моќните и понекогаш без ронка самопочит - повеќе не постои.
„Западот, каков што го знаевме, повеќе не постои“.
Ова неодамна го изјави претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, очигледно мислејќи на актуелното распаѓање на атлантскиот сојуз помеѓу Европската Унија и САД.
Потрошена матрица
По авантуристичкиот и неуспешен потфат на Џозеф Бајден да ја одржи супериорноста на САД во глобални рамки и да го крене империјалистичкиот дух на најмоќната држава во светот – преку обидот на обединетите „прогресивни либерали“ од Западот да ја спасат нападнатата Украина и да го победат Путин, ама со силата на оружјето – новоизбраниот претседател Доналд Трамп најави и спроведува драматичен пресврт во американската надворешна политика.
Поради неуспехот на Бајденовата администрација да произведе рационален и одржлив план за поддршка на Украина и соочен со огромната цена на тој воинствен потфат, Трамп (на нему својствен начин, се разбира), иницираше мировни преговори и одлучи повеќе да не ја финансира прокси-војната меѓу Западот и Русија.
Америка на Доналд Трамп не сака да војува. Иако постојат моќни бизнис структури во САД кои профитираа од досегашниот тек на војната во Украина, избувливиот и напати фриволен Трамп, со силата на својот меркантилен светоглед, уште пред да стапне во Белата куќа пресмета дека војната, во денешно време и со сегашната технологија, е неприфатлив ризик и голем луксуз. Дотолку повеќе што во улогата на хегемон на Западот, според наследената традиција и логика од периодот на Студената војна, САД имаа и обврска да се грижат и за одбраната на Европа од заканата од Исток, пред сè од моќните Русија и Кина.
Таа матрица е сржта и смислата на северноатлантскиот воен и политички сојуз. Но, таа приказна веќе е завршена. Матрицата е потрошена. Биполарниот свет дефинитивно се промени. Неповратно.
Трамп не сака војна
Доналд Трамп на домашната политичка сцена ја врати полемиката за империјализмот (интервенционизмот) и за изолационизмот, како можни стратешки насоки во надворешната политика на САД. Тоа беше стара, историска тема, за која не се водеа сериозни дебати во последните дваесеттина години. Сега е актуелна.
Еден од американските автори кои ја анализираат оваа тема (Стефен Кинзер), уште во 2017 година потсетува на републиканската традиција и заклучува: „Државите губат доблест кога упорно напаѓаат други држави … Оваа загуба на доблест, како што предвиде Вашингтон, ја чинеше Америка нејзиниот просперитет. Можеме да го вратиме само со појасно разбирање на нашите сопствени национални интереси. Соединетите Држави доцнат во менувањето на курсот – но не е доцна“.
Требаше да поминат цели седум години од оваа анализа за да дојде до промена на курсот. Но сепак, дојде. Трамп не сака САД да бидат светски хегемон и гарант „светскиот мир“, демиург на „глобалниот светски поредок“, главен „извозник“ на демократија и продавач на сонот за американизмот како незаменлив начин на живот и за „прогресивниот либерализам“ како единствено прифатлива идеологија.
Трамп е спремен да се откаже од глобализмот и да ги прифати мултиполарниот свет и суверенизмот како реалност. Тој не сака да биде заштитник на Европа (која тоне во криза, а се прави важна), не сака да војува со Русија, не сака војна ни со Кина ни кој било друг. Сето тоа укажува дека основната смисла на атлантскиот сојуз меѓу САД и Европа е изгубена.
Затоа шефицата на заедничката европска „влада“ си зела слобода да објави дека Западот, каков што го познаваме, веќе не постои.
Но, она што Фон дер Лајен не сака да го каже, барем засега, е дека и Европската Унија, каква што ја познаваме – веќе не постои.
Зошто Мерц ги „попари“ софијанците?
По долги години дебати за можни промени на архитектурата на Унијата и особено на комплицираниот начин на одлучување, според кој сите членки на Унијата се рамноправни и рамносилни, се чини дека водечката европска сила Германија наскоро ќе пресече – нема повеќе проширување на друштвото на избраните, без да се укине правото на вето за секоја полноправна членка на Унијата. Ова ќе биде ставот на новиот канцелар Фридрих Мерц.
Оптоварени со своите нескриени намери да ја искористат политиката на вето за да ја принудат Македонија да се побугарчи на патот кон ЕУ, софиските политици први рипнаа како попарени, откако слушнаа за намерите на Берлин. Кутрите, не сфатиле дека македонскиот „вапрос“ и тој нивен „најромантичен дел од бугарската историја“ сега се последната грижа на Мерц, на Макрон, на Мелони, на Орбан, на Туск и на сите други европски лидери.
Нив ги мачи планот за милитаризација на Европа, како начин таа наскоро да прерасне во светска суперсила што ќе ја замени Америка во борбата против Русија. Првичните планови на бриселските бирократи е за тој потфат да се потрошат најмалку 800 милијарди евра. А ако не се промени сегашниот начин на одлучување во Унијата, за ова прашање, со засега неизбежното право на вето, ќе решаваат и Бугарите, а од 2027 година можеби и Црногорците и Албанците.
Тоа, претпоставувам, на Мерц никако не му влегува во глава. А и мене ми е тешко да ја разберам таа глупост. Замислете, Германците, Французите и Италијанците, веројатно, ќе плаќаат огромни суми за фатаморганата наречена „заедничка европска одбрана“, а Бугарите и Грците ќе ги држат прстите на тастерите и ќе одлучуваат со право на вето. Тоа е таа старо-нова европска ненормалност …
Моќни, богати и вооружени до заби – да не е малце многу?
Ако дојде до реализација на планот за милитаризација на ЕУ, тоа ќе биде сепак прерогатив на суверените европски држави. Меѓу другото и поради фактот што токму вооружувањето на Европа е причина за меѓусебни резерви и за ескалација на различните, во одделни случаи и директно спротивставени интереси меѓу европските држави.
Клучен, иако не и единствен проблем, е тоа што моќните и богати земји членки на ЕУ ќе остварат значајна воена предност пред посиромашните. Сите, на пример, би биле неспокојни од евентуалното нападно вооружување на Германија. Историските реминисценции не се за потценување. Земјите како Шпанија и Италија, пак, не би биле баш комотни поради јакнењето на воените капацитети на Франција, земја која и сега има карактеристики на воена суперсила со нуклеарен арсенал (нема да биде баш лесно Париз да ги усогласи своите амбиции со „заедничката“ европска одбранбена политика).
Што е пострашно – милитаризирана Германија или Русија?
Проблем е и тоа што сите земји членки на ЕУ не ја перципираат подеднакво опасноста од Русија. Земјите од источна Европа, како балтичките држави, Полска и Романија, на пример, повеќе стравуваат од Русија. Но, Полска можеби повеќе се плаши од една милитаризирана Германија отколку од Русија.
Има земји кои не сакаат да влезат во нова студена војна со Русија. Полска, на пример, обзнани дека нема да испрати свои војници како евентуални „мировници“ во Украина. Будимпешта и Братислава исто така водат балансирана политика кон Москва. Од воено-стратешки аспект, сериозни проблеми би имале неутралните земји како Австрија.
Конечно, евентуалната засилена милитаризација на балканските земји членки на ЕУ би можела сериозно да ги вознемири нивните соседи, кои се само аспиранти за членство во Унијата. Никогаш не е паметно балканското буре да се полни со барут.
Нема начин оваа сложена равенка со многу непознати да се реши, ако се задржат сегашниот начин на одлучување во Брисел, актуелниот распоред на силите и сегашниот план за проширување на Унијата. А зборуваме само за една од многуте сложени равенки што треба да се решат во време кога Европа е во сериозна економска и развојна криза и згора е прилично неединствена. Кризата во Европа ќе се продлабочи ако продолжат двете опасни војни кои го потресуваат светот во овој момент – војната меѓу Русија и Украина и трговската војна меѓу САД и остатокот од светот.
Четирите сидра за македонскиот чун
На крајот, да се потрудиме да побараме одговор и на прашањето – што значи сево ова за Македонија?
Четири сидра би можеле да ја одржат стабилноста на македонскиот чун во ова разбранувано море.
Прво, нашата земја е економски поврзана со единствениот европски простор, а освен тоа е и членка на европскиот одбранбен сојуз, НАТО. Разумна константа во македонската надворешна политика несомнено треба да биде определбата за полноправно членство во Европската Унија.
Второ, продлабочување на односите со САД, земјата која е докажан најважен стратешки партнер на Македонија, е апсолутен приоритет. „Војната“ меѓу САД и ЕУ не треба да биде пречка за тоа.
Трето, Македонија мора да одржува добрососедски односи со сите земји од нашето опкружување, согласно со највисоките правни стандарди и политичката пракса во ЕУ.
Четврто, но не и последно, најважен приоритет за македонските политичари треба да бидат стратешките национални и државни интереси на земјата. Тука повеќе не смее да има никакви суштински отстапки.
Со четири спуштени сидра, нашиот чун можеби нема да плови со посакуваната брзина, но нема ни да се преврти. Кормиларот, македонската дипломатија, треба внимателно да ги следи сите промени на хоризонтот – да ги анализира реформите во ЕУ и во НАТО и развојот на ситуацијата на геополитичката сцена, па согласно со тие анализи да ги определува своите приоритети и активности на дневна основа.
И да… Западот и Европската Унија, какви што ги познававме, веќе не постојат. Сега треба да покажеме дека и Македонија, каква што ја познаваше светот долги години – слаба, подложна на притисоци и на закани, сервилна кон моќните и понекогаш без ронка самопочит – повеќе не постои.