„ЕВРОПСКАТА УНИЈА Е НЕПРАВЕДНА КОН МАКЕДОНИЈА“ Направивте сѐ што ви побараа, а сѐ уште сте далеку од членство, забележа хрватскиот претседател
На прес-конференцијата по средбата со премиерот Мицкоски, хрватскиот премиер рече дека во изминатите 20 години имаше многу неправди кон Северна Македонија и дека е созреано времето кога сето тоа треба да се респектира.
Европската Унија е неправедна кон Северна Македонија. Македонците досега исполнија бројни барања кои се бараа од нив за да ги забрзаат преговорите и влезот во Европската Унија, но и покрај тоа и понатаму се далеку од членство. Сето тоа покажува дека ЕУ нема искрен и чесен однос кон Северна Македонија, порача хрватскиот претседател Зоран Милановиќ кој денеска имаше средба со премиерот Христијан Мицкоски кој е во прва официјална посета на Хрватска.
На средбата, како што информираше Кабинетот на претседателот Милановиќ, потврдено е дека Хрватска и понатаму ќе биде силен поддржувач на Северна Македонија на патот кон Европската Унија и ќе се залага за влез во Унијата, јави извстувачот на МИА.
Претходно, како што јави известувачот на МИА од Загреб, иста порака упати и хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ. На прес-конференцијата по средбата со премиерот Мицкоски, хрватскиот премиер рече дека во изминатите 20 години имаше многу неправди кон Северна Македонија и дека е созреано времето кога сето тоа треба да се респектира.
– Темата која го оптеретува европскиот пат на Северна Македонија по наше мислење е неправедна кон македонскиот народ, македонскиот идентитет. Мислам дека толку остапки се направени од македонска страна што ретко кој народ и држава би прифатила да направи толку исчекори од своја страна за да го забрза својот пат кон членството во Европската Унија – изјави Пленковиќ, додавајќи дека треба заеднички да се работи на тоа преговорите за пристапување на Северна Македонија кон ЕУ да започнат што поскоро.
Премиерот Мицкоски рече дека неправдата што ни е е нанесена во изминатите две и пол децении е голема и дека имаме направено отстапки како никој друг на патот кон ЕУ, тргнувајќи од привремената рефренција на името на државата, преку менувањето на знамето и банкнотите, до промената на името на државата со Преспанскиот договор.
– Ние имаме многу внатрешни проблеми и тие ќе ги решаваме и тука не треба да има дилема, ќе работиме колку е потребно. Тоа што не зависи од нас е токму почетокот на преговори. Тоа за жал зависи и од други. Ние направивме доволно сега треба некој да ни ја подотвори врата за да можеме да влеземе во таа просторија за да почнеме да преговараме и да покажеме колку можеме – истакна Мицкоски.
На прес-коинференцијата тој рече дека ние сѐ уште сме во еден вртлог во којшто нема извесен крај, иако желбата на македонските граѓани да бидат дел од семејството на Европската Унија е голема.