Европска „втора лига“, зошто да не?
Само прашање на политички опортунитет и на тактика е во кој момент Македонија треба да крене рака и се вклучи во дебатата за идејата на францускиот претседател за создавање на еден нов европски клуб на нации. Не би смеело да има дилема дека во таа дебата Македонија мора да биде на страната на Макрон и на Шолц.
Секоја идеја за промена на архитектурата на Европската Унија традиционално наидува на отпор од земјите членки. Не е тоа случајно, се разбира. ЕУ е клуб на привилегирани нации, со ексклузивни права со кои се цементираат тие привилегии. Тоа е најважната причина поради која 13 земји членки на Европската Унија во овој момент го отфрлаат предлогот на францускиот претседател Емануел Макрон за реформа на Унијата.
Идејата на Макрон има две силни предности, поради која веќе освојува симпатии и мислам дека допрва ќе освојува симпатии.
Од една страна, тој не заговара растурање на сегашната европска зграда, која почива на принципите на рамноправност на членките и консензуално одлучување. Тој само вели дека една организација не е доволна да ги исполни очекувањата од големото европско семејство и аспирациите на сите кои имаат морално и секакво друго право да бидат дел од него.
Од друга страна, францускиот лидер визионерски вели дека историска обврска на сегашниот европски лидершип е да создадеме нешто што би го опишал како „европска политичка заедница“. Оваа нова европска организација, објаснува Макрон, ќе им овозможи на демократските европски нации да најдат нов простор за политичка соработка, безбедност, соработка во енергетиката, транспортот, инвестициите, инфраструктурата, движењето на луѓето.
Во овој момент, поради разни историски, геополитички и актуелно-политички причини и околности, ЕУ не може да ја исполни таа своја историска обврска и на тој начин создава не само неправда кон неинтегрираните европски нации, туку и притисок кон сегашната единствена организација. Примерот со Украина е најилустративен. И покрај јасно изразената декларативна волја на мнозинството членки на Унијата да ја видат оваа земја во свое друштво, нема дилеми дека преговарачкиот процес, како што предвидува Макрон, ќе трае со години, а можеби и со децении. Такви се процедурите во сегашната европска куќа на привилегираните нации.
Тоа бездруго ќе ја обесхрабри Украина. Како што се обесхрабрени повеќе земји кандидатки за членство, меѓу кои е и Македонија. Оттаму, се чини дека подигањето на еден ваков европски клуб, макар бил тој и „второлигашки“, навистина е добра идеја. Нормално, проектот на Макрон треба детално да се образложи (ѓаволот, нели, секогаш се крие во детаљите), но како што денеска изјави и германскиот канцелар Олаф Шолц, ова е многу интересен и добар предлог.
Шолц и Макрон разговарале и за можноста и Велика Британија да биде дел од тој поширок европски клуб на демократски земји што се протега надвор од ЕУ. Што секако е сериозен проект и извонредна идеја за јакнење на севкупното европско единство во секој поглед.
Знам дека малите во принцип треба да молчат и да „купуваат“ кога големите „продаваат“ ум, но кога станува збор за вакви дебати, има само големи и мали идеи, а на големи и мали нации. Затоа, мислам дека и Македонија би можела брзо да размисли дали идејата на Макрон, а сега и на Шолц, значи планот на двете најмоќни европски земји, би можеле да биде поволни за нејзиниот пат кон Европа.
Со оглед на фактот дека во досегашниот процес нашата земја главно се соочуваше со тешки, ирационални, често и понижувачки барања, а сега и со една голема пречка која многу тешко ќе се премости во некој разумно кус период, се чини паметно македонската дипломатија да бара алтернативни патишта како да стане дел од новата организација што ја предлага Макрон, од тој нов простор што треба да овозможи европско политичко сојузништво, безбедност, соработка во енергетиката, транспортот, инвестициите, инфраструктурата, слобода на движењето на луѓето.
Всушност, освен потребата од внатрешно „европеизирање“ (читај: реформирање) на земјата, не беа ли тоа клучните причини поради кои Македонија со години со децении грчевито се бори да влезе во клубот на привилегираните европски нации?
Ако сме согласи околу ова – а јас мислам дека би можеле да се согласиме – само прашање на политички опортунитет и на тактика е во кој момент Македонија треба да крене рака и се вклучи во дебатата за идејата на францускиот претседател за создавање на еден нов европски клуб на нации. Не би смеело да има дилема дека во таа дебата Македонија мора да биде на страната на Макрон и на Шолц.