ЕВРОПА БАРА СТОЛЧЕ НА ПРЕГОВОРИТЕ, ФИНСКИОТ ЛИДЕР ВО ИГРА Антонио Кошта одбил да се соочи со Путин

Во Брисел расте загриженоста дека Доналд Трамп и Владимир Путин би можеле да договорат решение за Украина без доволно европско влијание. Финскиот претседател Александар Стуб се издвојува како можен европски претставник, додека меѓу дипломатите нема согласност кој треба да го отвори директниот канал со Кремљ.

0

Европа бара начин да обезбеди свое место на преговарачката маса за Украина, стравувајќи дека американскиот претседател Доналд Трамп и рускиот претседател Владимир Путин би можеле да постигнат договор без доволно учество на европските сојузници.

Во дипломатските кругови веќе се разгледуваат можни претставници за разговори со Кремљ, а меѓу имињата што привлекуваат внимание е финскиот претседател Александар Стуб, пишува „Политико“.






Дебатата добила нова итност по посетата на специјалниот претставник на американскиот претседател, Стив Виткоф, на Русија. Тој отпатува на разговори со Путин со предлог за трилатерален самит на кој би учествувале и Трамп и украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Европските дипломати стравуваат дека Вашингтон би можел да го преземе водството во мировниот процес, оставајќи им на европските влади ограничено влијание врз условите за прекин на војната.

Проблемот, меѓутоа, не е само во обезбедувањето место на преговорите. Европа допрва треба да одлучи кој би можел да зборува во нејзино име и истовремено да биде прифатлив соговорник за Москва.

Чешкиот претседател Петр Павел оцени дека Путин не ја признава Европската Унија како авторитет со кој сака да преговара.

– Путин ја игнорира Европската Унија како авторитет. Тој не сака да разговара со Урсула фон дер Лајен, не разговара со Каја Калас. Престана да разговара и со други европски лидери, вклучително и со Емануел Макрон – изјави Павел во интервју за мрежата на „Аксел Шпрингер“, чиј дел е „Политико“.

Според него, европските држави треба да определат личност или група лидери што би добиле мандат да ги застапуваат нивните интереси. Претставникот не мора нужно да доаѓа од институциите на ЕУ или на НАТО.

Меѓу можните решенија сѐ почесто се споменува Александар Стуб. Финскиот претседател има 2 важни предности, според дипломатите: добри односи со Трамп и долгогодишното искуство на Финска во односите со Русија.

Двете земји делат граница долга околу 1.300 километри, а нивните историски односи се обележани и со воени судири.

– Стуб е интересен поради финското знаење и традиционалниот дијалог со Русија – изјавил европски дипломат за „Политико“.

Друг дипломат го издвоил Стуб како личност што веќе покажала политичко лидерство на високо ниво и би можела да ја претставува Европа на иден мировен самит.

Финскиот претседател во вторникот престојувал во Осло, каде што со Зеленски и со Виткоф разговарал пред заминувањето на американскиот претставник за Русија.

Сепак, неговото име засега се разгледува само во дипломатските кругови. Нема официјална одлука Стуб да добие европски преговарачки мандат.

Фото: Принтскрин

Интересен пресврт во расправата се случил и на неодамнешниот самит во Брисел. Според дипломатски извор на „Политико“, европските лидери го прашале претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, дали дошло време директно да разговара со Путин.

Кошта одговорил дека засега нема да го направи тоа.

– Кошта треба да почне да разговара со Путин ако сакаме да имаме улога во преговорите. Со тоа што не разговараме, им служиме на нашите противници – оценил дипломатот.

Според истиот извор, Кошта би можел да биде поприфатлив избор од претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, или од високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Каја Калас.

Дел од дипломатите сметаат дека двете се премногу цврсто поврзани со украинската позиција за да бидат ефикасни соговорнички на Путин. Кошта, според нив, би можел да настапи како посредник што ќе се обиде да воспостави дијалог.

Но, постои и несогласување околу начинот на претставување на Европа. Некои дипломати инсистираат ЕУ да учествува преку своите институции, наместо преговорите да ги води тесен круг влијателни држави, како Германија, Франција и Велика Британија.

Во подготовките за разговорите во Осло учествувал и Бјерн Зајберт, висок соработник на Фон дер Лајен. Тој бил вклучен во состаноците на советниците за национална безбедност од Коалицијата на подготвените за поддршка на Украина.

Европската комисија, пак, тврди дека Унијата веќе е присутна во дипломатските разговори.

Портпаролката Паула Пињо објаснила дека состаноците во Осло биле насочени кон утврдување дали постојат услови за трилатерални или пошироки преговори со Украина и со Русија на иста маса.

Според неа, разговорите биле посветени на територијалните прашања, безбедносните гаранции и повоениот економски развој на Украина.

Се очекува Виткоф да ги информира украинските и европските претставници за резултатите од разговорите со Путин.

Од друга страна, Путин уште во мај 2026 година го посочи поранешниот германски канцелар Герхард Шредер како свој претпочитан европски соговорник за мировните преговори за Украина. Москва тогаш изрази подготвеност да разговара и за новата европска безбедносна архитектура, но предлогот наиде на отпор во Берлин и во Брисел.

Високата претставничка на ЕУ за надворешна политика, Каја Калас, го отфрли изборот, оценувајќи дека со Шредер на преговарачката маса Путин практично би седел од двете нејзини страни.

Путин и Шредер негуваат блиско пријателство повеќе од 2 децении, уште од времето кога германскиот социјалдемократ беше канцелар, од 1998 до 2005 година. По заминувањето од функцијата, Шредер презеде високи позиции во руските енергетски компании и во проектите „Северен тек“, а од 2017 до 2022 година беше претседател на надзорниот одбор на нафтениот гигант „Роснефт“.

Шредер во 2022 година отпатува во Москва и разговараше со Путин во обид да посредува за прекин на војната, но иницијативата не донесе резултат.

Поврзани содржини