ЕВН влезе во Слупчане – а камо одговорност?
Неказнетото анархично и спротивно на законот однесување на граѓаните од Слупчане им дава за право и на други населени места да го следат нивниот пример.
Безмалку сите медиуми ја објавија долгоочекуваната вест дека конечно ЕВН влезе во Слупчане. Се разбира, како поинаку освен со политичка и полициска асистенција.
Со Слупчанци се договориле ЕВН непречено да работи на мрежата, а тие отсега ќе си ја плаќаат потрошената електрична енергија. Како ќе го прават тоа? Али Ахмети би рекол – како и до сега!
Најважно од сѐ е што државата воспостави суверенитет и врз овој дел од својата територија. Дали и трајно, ќе покаже времето. Добро е што симнавме еден голем срам -и за државните институции и за Слупчанци. И што по често медиумски го третираме овој проблем, срамот ќе биде уште поголем.
Прво, владата си дозволи проблемот да го третира како „однос меѓу приватна компанија и граѓаните како потрошувачи”, заборавајќи при тоа дека токму таа е надлежна да обезбеди услови за непречено функционирање на било која компанија на македонскиот пазар. И уште повеќе што станува збор за странска, австриска компанија, а Австрија е важна и влијателна членка на ЕУ. Се надевам,нашата влада не мисли дека проблемите на ЕВН на македонскиот пазар треба да ги решава австриската влада.
Дистанцирањето на нашата влада од проблемот може да значи лоша препорака за потенцијални нови странски инвестиции.
Дополнително, со судни маки се обидуваме да ги почнеме преговорите со ЕУ за полноправно членство, а владата отворено признава дека на еден дел од државната територија не функционира правната држава.
Од друга страна, пак, неказнетото анархично и спротивно на законот, однесување на граѓаните од Слупчане им дава за право и на други населени места да го следат нивниот пример.
И конечно, доколку се точни информациите дека трошоците за раскошното осветлување на грандиозниот споменик на УЧК во истото село никој не ги плаќа, некој ќе треба да сноси одговорност.
(ФБ статус на авторот, насловот и поднасловот се редакциски)