Еве во кој случај бизнисите ќе избегнат стечај иако се во долгови до гуша
Министерството за економија подготви Закон за инсолвентност со кој се дава можност бизнисите во рана фаза од кризата да ја одложат исплатата на долговите.
Платежно неспособните бизниси ќе можат да се извлечат од кризата без да одат во стечај. Државата преку законско решение им дава можност во одреден рок презадолжените бизниси да се обидат сами да излезат од кризата преку одлагање или запирање на плаќањето на долгот преку вонсудско договарање со доверителот. Рокот на одлагање или запирање на долгот не може да биде подолг од 5 години, а се претпоставува дека бизнисите најмалку една година можат да имаат проблем со неспособноста да ги плаќаат долговите. Целата постапка се води со надзор на судот.
Ова го предвидува Законот за инсолвентност кој е на јавна расправа.
Бизнисите со финансиски проблеми прво ќе треба да го информираат судот за тоа дека се платежно неспособни, а потоа да изберат од двете можности што им се даваат за излез од кризата. Првата значи да преземат чекори во рана фаза додека не заглавиле со уште поголеми долгови и да се договорат со доверителите. Втората можност, пак, е еден вид предстечај или треба до судот да достават план за реорганизација на компанијата и обврските.
Двата начина за спасување на компаниите и утврдувањето дали им претстои платежна неспособност се под надзор на судот. Со други зборови проценката на идната платежна неспособност (инсолвентност) ја прават самите бизниси пред да го поднесат предлогот до судот.
Од Министерството за економија кое го подготви текстот на Законот за инсолвентност велат дека главна цел на новиот механизам е да се заштитат бизнисите од стечај и ликвидација и да се поттикнат вонсудски да се договараат за отплата на долгот.
– Постапката за превентивно преструктуирање се спроведува со цел должникот кој за време од една година ќе биде неспособен да ги подмирува обврските да преземе одредени мерки за намалување на долгот или каматите и продолжување на рокот на отплата на обврските за одреден период за да ги надмине причините поради кои може да стане неспособен за плаќање – велат од Министерството за економија.
Во законот се одредува и што треба да содржи договорот за одлагање или запирање на исплата на ратите на долгот, времетраењето и каматните стапки. Законскиот рок се ограничува на најмногу пет години.
„Доколку, како мерка на финансиско преструктуирање, договорот определува намалување или одлагање на достасаноста на необезбедени побарувања, со него мора да се предвиди, дека сите необезбедени побарувања, ќе имаат ист процент на намалување на достасаното побарување и ист рок на одложување на настапување на достасаноста, освен ако одреден доверител изрично се согласи со поголем процент на намалување на достасаноста на побарувањето или подолг рок на одложеното достасување на неговите необезбедени побарувања.
Ако договорот како мерка за финансиско преструктуирање предвидува запирање на достасаноста на обезбедените побарувања или промена на договорената каматна стапка, тогаш во договорот ќе треба за сите обезбедени побарувања да се одреди ист рок за запирање на достасаноста, но не повеќе од пет години сметано од правосилноста на решението за одобрување на договорот за финансиско преструктуирање или промена на договорената каматна стапка, освен ако одреден доверител изрично се согласи на подолг рок на одложено достасување на своите обезбедени побарувања или уште поголемо намалување на каматните стапки на договорената камата“, стои во членот 20 на законот.
За утврдување на текстот се води јавна расправа и се чекаат забелешките од заинтересираните страни.
Од Сојузот на стопански комори за Плусинфо изјавија дека механизмот за финансиско преструктуирање на долговите е нејасен и отвора низа дилеми кои треба да се допрецизираат.
– Вака предложената одредба останува отворена за дилеми и неопходно е да се допрецизира во делот, врз основа на што судот ќе оценува дека една компанија е неспособна да плати и кога може да го користи овој инструмент – велат од ССК.
Овој закон Министерството за економија го подготвува во соработка со Меѓународната финансиска корпорација IFC (групација на Светска банка).