Еве што ќе се случи ако Русија одлучи да таргетира европски цели со нуклеарно оружје
Ветровите ќе ја разнесат радиоактивноста од бомбите фрлени наоколу насекаде низ континентот и ќе ги изложат сите жители на Европа на големи количества радиоактивност. Првиот знак дека сте го „обрале бостанот“ ќе биде паѓањето на косата.
Заблуда е дека конзумирањето на јод ќе ви го спаси животот во случај на нуклеарна војна. Тоа нема да се случи. Може само да ви ја продолжи агонијата за неколку дена, но тие денови ќе врне радиоактивен дожд, така што ништо не сте ќариле.
Еве што ќе се случи ако Русија одлучи да таргетира европски цели со нуклеарно оружје, а Америка возврати на тоа:
1. Бомбата ќе падне таму кај што ќе падне и ќе направи пепел. Група среќници моментално ќе се спасат од маките испарувајќи како превриена чорба од лицето на Земјата. Останатите помалку среќни граѓани во радиус од 200 километри ќе се разболат од радиоактивна болест и набрзо ќе умрат. Веројатно за неколку дена.
2. Ветровите ќе ја разнесат радиоактивноста од бомбите фрлени наоколу насекаде низ континентот и ќе ги изложат сите жители на Европа на големи количества радиоактивност. Првиот знак дека сте го „обрале бостанот“ ќе биде паѓањето на косата. Наскоро сите ќе бидеме ќелави и фризерскиот бизнис целосно ќе пропадне. Но тоа ќе ни биде најмалиот проблем. Потоа ќе почне да ни отекуваат лимфните јазли и да се создаваат тумори. Во следната фаза ќе нè посети и леукемијата и ќе нè завери, како што административец заверува документ. Потоа доаѓа смртта.
3. Целата вегетација ќе се озрачи и храната ќе биде неупотреблива.
4. Ќе се озрачат и животните и ќе угинат.
5. Ќе се озрачи површинската вода како што се реките и езерата и нема да е веќе за пиење.
6. Од копнените животни ќе опстанат само бубашвабите и лебарките и ќе загосподарат со планетата која потоа ќе може да се прекрсти во Бубашвабарник. Ќе опстанат и некои риби кои живеат длабоко во океаните и кои понатаму низ процесот на еволуцијата за едно 3-4 милијарди години можат да станат луѓе.
7. Добрата вест е што научниците од МИТ велат дека човечкиот род најверојатно е расеан низ целата вселена и не е ексклузивен само на Земјата. Тоа е само хипотеза базирана врз некои индиции, но сепак влева надеж дека таму некаде далеку постојат луѓе кои се најверојатно поразумни и помалку пореметени од нас. Луѓе кои знаат да седнат и да ги решаваат проблемите и кои знаат да го ценат животот повеќе од нас. Луѓе на кои парите и алчноста за моќ не им се лајтмотив. Луѓе кои некогаш одамна ја поминале оваа рудиментирана фаза од еволуцијата.
8. Конечно ќе ја победиме короната засекогаш.
(ФБ статус на авторот)