На 36 основни и 13 средни училишта под надлежност на општините и на Град Скопје им се одобрени барањата по јавниот повик за финансирање проекти за реновирање училишни објекти од буџетот од Министерството за образование и наука, кое на својата веб-страница ги објави ранг-листите на проектите од прифатените апликации доставени до 15 април 2021.
На рангирањето општински основни училишта, со најмногу бодови е прифатена апликацијата за реконструкција на Подрачното основно училиште во село Радибуш во општина Ранковце, а меѓу 13-те средни училишта, со најмногу бодови е прифатено барањето за реконструкција и адаптација на објектот на СОУ „Ристе Ристевски-Ричко“ во Прилеп.
Според резултатите од јавниот повик што ги објави МОН, со пари од Министерството ќе се финансираат различни реконструктивни зафати во училишта во населени места кои припаѓаат на општините: Крушево, Куманово, Новаци, Валандово, Свети Николе, Маврово и Ростуше, Кавадарци, Сарај, Берово, Радовиш, Гевгелија, во основни училишта во општините Ресен, Кавадарци, Битола, Македонска Каменица, Илинден, Кочани, Делчево, Прилеп, Куманово, Гостивар и во скопските општини Кисела Вода, Ѓорче Петров, Бутел и Аеродром.
Покрај СОУ „Ристе Ристевски-Ричко“ во Прилеп, на листата со прифатена апликација за реконструкција е и прилепското средно училиште „Ѓорче Петров“, а по две средни училишта на ранг-листата имаат и Битола (СОУ „Таки Даскало“ и „Д-р Јован Калаузи“) и Велес („Димитрија Чуповски / Кочо Рацин“ и „Коле Неделковски“).
Одобрени се и барањата за реконструкции на средни училишта во Кавадарци, Гостивар, Куманово, Свети Николе, Кичево, Делчево и Скопје (гимназијата „Орце Николов“).
Во јавниот повик беа наведени и критериумите за бодирање при рангирањето, според приоритетот/степенот на потребите за различни реконструкции во/на училишните објекти, а беше земен предвид и демографскиот фактор односно бројот на ученици во објектот, паралелките и смените за организирање на наставата.
Повикот не се однесува на финансирање проекти во случај на потреба за санација на училишните објекти предизвикана од виша сила (пожар, поплава, земјотрес …), за што е потребно итно и неодложно санирање. Исто така, право на аплицирање немаа училишни објекти кои се изградени во последните десет години.