ЕВАКУИРАН ФИНАНСИСКИОТ КВАРТ НА ДУБАИ Банки ги испразнија канцелариите поради безбедносни ризици
Слична мерка била преземена и во Катар, каде што филијалите на банката HSBC биле евакуирани и привремено затворени.
Заканите на Иран упатени кон банки и финансиски институции поврзани со САД и Израел на Блискиот Исток доведоа до евакуација на дел од финансискиот кварт во Дубаи, објави Скај њуз.
Според медиумот, неколку банки и финансиски канцеларии ги испразниле своите деловни згради откако вработените добиле предупредувања да се евакуираат. Дел од компаниите им наложиле на вработените привремено да работат од дома, како мерка на претпазливост.
Меѓу институциите што презеле вакви мерки се и големи меѓународни банки како Citigroup и Standard Chartered, кои, според извештаи на светските медиуми, ги евакуирале дел од своите канцеларии во финансискиот центар на Дубаи поради безбедносни ризици.
Слична мерка била преземена и во Катар, каде што филијалите на банката HSBC биле евакуирани и привремено затворени.
Во последните денови се зголемува бројот на вработени во меѓународни компании, особено во финансискиот сектор, кои ја напуштаат земјата заедно со своите семејства, додека некои канцеларии целосно се испразнети.
Можноста финансиските центри да станат цели на напад укажува дека Иран, покрај нафтената инфраструктура, размислува и за удари врз финансискиот сектор со цел да предизвика пошироки економски потреси на меѓународно ниво.
Според Скај њуз, ваквата стратегија би можела да има за цел да изврши притисок врз американскиот претседател Доналд Трамп за намалување на тензиите или продолжување на преговорите.
И покрај евакуациите, засега нема информации за конкретен напад, а повеќето мерки се преземаат превентивно поради зголемен безбедносен ризик во регионот.