„ЕУРОНИКЕЛ“ КАВАДАРЦИ ЌЕ ГИ ИЗГАСИ ПЕЧКИТЕ? Синдикатите предупредуваат дека 800 вработени ќе останат на улица
Синдикатите велат дека работниците не се информирани од раководството за тоа што ќе се случува со компанијата што е спротивно на работничките права и меѓународните трудови стандарди.
Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) и Синдикатот на индустрија, енергетика и рударство (СИЕР) денеска изразија загриженост за состојбата во „Еуроникел“ Кавадарци.
„Иднината на оваа компанија е неизвесна дотолку повеќе ако се знае дека во текот на вчерашниот ден генералниот директор на компанијата издал наредба за гаснење на печките. Ваквиот потег значи дека компанијата нема да работи и дека 800 вработени ќе останат без своите работни места“, се вели во соопштението од ССМ и СИЕР.
Оттаму велат дека работниците не се информирани од раководството за тоа што ќе се случува со компанијата што е спротивно на работничките права и меѓународните трудови стандарди.
Работниците и денеска одржаа предупредувачки собир пред компанијата.