ЕУ ВО РАКАВИЦИ ГО КОМЕНТИРА ПРЕПУКУВАЊЕТО РУСКОВСКА-МУАРЕМИ Владеењето на правото е врвен приоритет, надлежностите мора да се почитуваат
Примена на владеeњето на правото е највисок приоритет за Европската Унија. Тоа е суштински дел од претстојниот процес на преговори од Кластерот „Темели“, кој треба прв да биде отворен во процесот на пристапните преговори со ЕУ - се вели во одговорот на ЕУ.
Постојните закони предвидуваат соодветни надлежности на државните институции и начини на нивната меѓусебна соработка, и тие треба да бидат почитувани – нагласува Делегацијата на Европската Унија во својот одговор до Плусинфо на барање за коментар на последните препукувања помеѓу шефицата на Јавното обвинителство за гонење организиран криминал и корупција Вилма Русковска и директорот на Управата за финансиската полиција Арафат Муареми, во кои се вклучи и државниот јавен обвинител Љупчо Јовески.
„Европската Унија внимателно го следи развојот на настаните, вклучувајќи ги неодамнешните јавни разменувања на соопштенија. Примена на владеењето на правото е највисок приоритет за Европската Унија. Тоа е суштински дел од претстојниот процес на преговори од Кластерот „Темели“, кој треба прв да биде отворен во процесот на пристапните преговори со ЕУ. Постојните закони предвидуваат соодветни надлежности на државните институции и начини на нивната меѓусебна соработка, и тие треба да бидат почитувани. На ова прашање треба да му посветат внимание компетентните надлежни институции“, се вели во одговорот на Делегацијата на Европската Унија во Скопје на прашање од Плусинфо.
Обвинителката Русковска претходно побара меѓународна помош, поконкретно од ЕУ и од САД, откако директорот на Финансиската полиција Муареми најави дека против неа и уште против две обвинителки ќе поднесе кривични пријава, откако тие на 18 јули извршија претрес во институцијата. Русковска во повикот до амбасадите на САД и на ЕУ рече дека имала притисок од владин функционер.
– Македонија ниту е диктатура, ниту е монархија. Во Македонија не смее да владее волјата на некои сегашни или пак поранешни владини функционери за обвинители да замижуваат пред кој било криминал, па тој и да е и во највисоките ешалони на власта – нагласи Русковска во реакцијата.
На овој повик на обвинителката Русковска, на барање на Плусинфо, од амбасадата на САД во Скопје одговорија дека судирот помеѓу овие две институции е прашање што треба да го решат надлежните органи.
„Амбасадата на САД е вложена во унапредување на владеењето на правото во Северна Македонија и ги поддржува напорите на властите и на правосудството за обезбедување на транспарентност и отчетност кај институциите и внатре во нив. Се чини дека ова прашање е тековен процес и прашање кое треба да го решат надлежните органи“, се наведува во одговорот на амбасадата на САД до Плусинфо.
Претходно, новоименуваната амбасадорка на САД во РС Македонија Анџела Прајс Агелер, која денеска беше потврдена за новата функција од американскиот Сенат, во својот распит пред сенаторите нагласи дека борбата со корупцијата и криминалот во земјава ќе биде нејзин врвен приоритет за време на нејзиниот амбасадорски мандат.
– Доколку бидам потврдена, ќе ги охрабрам судските реформи и ќе ги повикам институциите на Северна Македонија да промовираат транспарентност во истрагата на наводите за злоупотреба и одлучно да се спротивстават на корупцијата за да ја зајакнат довербата на јавноста во владеењето. Ќе работам со меѓуагенциските партнери за да ѝ помогнам на Северна Македонија да развие национална стратегија која ефективно ќе бара одговорност од корумпираните актери – рече меѓудругото идната амбасадорка Агелер на сослушувањето пред Сенатската комисија за надворешни работи.