ЕУ ВЧЕРА НИ ЈА ПОГРЕБА ВОЛЈАТА Евроскептицизмот скокна до плафон

Иако во завиена форма, сепак, високиот претставник за надворешна политика и безбедност на ЕУ, Жозеп Борел, вчера јасно и гласно ни соопшти дека Македонија никогаш нема да биде дел од ЕУ, смета политичкиот аналитичар Синиша Пекевски.

3,617

Од политичар во рангот на потпреседателот на Европската комисија, Жозеп Борел, никогаш нема да добиете јасен одговор на прашањето кога Македонија ќе го добие долгоочекуваниот датум за преговори со Европската Унија, но од друга страна, пак, нам одамна ни е „нацртано“ дека не сме пожелни во европското семејство.

Вака политичкиот аналитичар Синиша Пекевски во разговор за Плусинфо ја коментира вчерашната порака што ја испрати Борел: „Волја има, ама датум нема“.






Тој објаснува дека, иако во завиена форма, сепак, високиот претставник за надворешна политика и безбедност на ЕУ вчера јасно и гласно ни соопшти дека Македонија никогаш нема да биде дел од ЕУ.

Европската Унија уште многу одамна ни ја испрати пораката дека не сме пожелни во европското семејство, ама ние и понатаму продолжуваме да се правиме „на Тошо“.

Синиша Пекевски Политички аналитичар

– Европската Унија уште многу одамна ни ја испрати пораката дека не сме пожелни во европското семејство, ама ние и понатаму продолжуваме да се правиме „на Тошо“. Водечките медиуми во земјава, националните телевизии, провладините весници и портали постојано ни даваат некаква надеж дека само што не сме добиле датум за преговори со Унијата. А во суштина, одамна ни е јасно дека Македонија не може да влезе во европското семејство, дека не нѐ сакаат и дека само се бараат изговори во однос на тоа што треба ние да исполниме. Причините ги гледам во екстремната стапка на корупција во Македонија, во непостоењето на правото, како и во леснотијата да се случи некаков дефект на меѓунационални односи. Истото вчера го кажа и Борел, ама ние повторно како да не сакаме да навлеземе во суштината на пораката, која, за волја на вистината, беше завиткана со целофан. Што му значеше тоа дека постои волја? Дали треба ние да постигнеме решение со Бугарија, да се откажеме од македонскиот јазик и од историјата? И кој ни гарантира дека утре нема да им текне да ни речат да ја поместиме источната граница до течението на реката Вардар? Зарем треба да се откажеме од половина територија за да добиеме датум за преговори со Унијата? Пораката е повеќе од јасна за оние кои умеат да читаат меѓу редови – објаснува Пекевски.

Според него, евроскептицизмот во земјава е на рекордно ниво.

– Евроскептицизмот во Македонија е во екстремно растечки тренд. Европските вредности веројатно важат само тогаш кога ѝ одговара на Европа, а кога не ѝ одговара, тогаш не важат тие европски вредности. Постојат и анкети кои прикажуваат дека над 60 отсто од македонските граѓани сега се за блиски врски со Русија и со Кина, наспроти помалиот и срамежлив процент на граѓани кои се за блиски врски со Европа. И тоа е проблем, оти ние секогаш се вртиме како сончогледи. Ако не сме со едните, тогаш сме со другите. Ние треба да се свртиме кон нас, а не кон некој друг. Сметам дека треба да ја водиме истата политика што ја води Србија – земи од ваму, земи од таму, ама држи се до стратешките принципи. Затоа, и ние треба да се свртиме кон себеси, конечно да започнеме да креираме сопствена агенда и да бидеме отворени кон сите – вели Пекевски.

Аналитичарот Петар Арсовски, пак, не смета дека завиената порака на Борел гласела: „Не ве сакаме во ЕУ“.

Оваа последна порака од Борел можеби е уште едно големо разочарување за Македонците, меѓутоа, таа нема сама по себе да предизвика нов огромен скок на евроскептицизмот, оти тој веќе е во некаков процес на ерозија.

Петар Арсовски Политички аналитичар

– Не мислам дека треба на тој начин да ја толкуваме пораката на Борел и сметам дека автентичната порака на Борел е охрабрувачка. Меѓутоа, тоа што ние очекуваме да го слушнеме од претставниците на ЕУ, а тоа е дека кризата во Украина ќе ја поттикне Унијата да ги занемари регуларните процеси и да ја забрза интеграцијата на Балканот и покрај политичките пречки, тоа нема да го слушнеме. Тие тоа не го направија ни за Украина каде што гинат луѓе, а сигурно дека нема да го направат ни за Македонија и за Балканот. Јас верувам дека постои големо разочарување кај јавноста, но основната порака е дека има нова заинтересираност на ЕУ за Балканот, сакаат да ги забрзаат процесите, но тоа не значи дека ќе направат нешто што условно речено не е во редовниот тек на настаните. Значи, повеќе е политичка одлука отколку некакво прескокнување на процесите – објаснува Арсовски.

Во поглед на евроскептицизмот во македонското општество, тој вели дека е присутен уште од ветото на Грција за Македонија.

– Евроскептицизмот расте уште од многу одамна, односно уште од времето на грчкото вето. Сепак, нов раст на евроскептицизмот беше забележан и со блокадата на Франција, а најмногу порасна со блокадата од Бугарија. Така што, евроскептицизмот расте поради тоа што луѓето сметаат дека поради системот на одлучување, ЕУ не е во состојба да ги разреши односите на некои свои земји-членки кон земјите-аспиранти. Оваа последна порака од Борел можеби е уште едно големо разочарување за Македонците, меѓутоа, таа нема сама по себе да предизвика нов огромен скок на евроскептицизмот, оти тој веќе е во некаков процес на ерозија – смета Арсовски.

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, пак, не попушта и не признава пораз. Тој во интервју за грчкиот информативен портал „iEidiseis“ истакна дека токму сега е критичниот момент ЕУ да се вклучи во регионот.

– Мислам дека сега е критичниот момент ЕУ да се вклучи во регионот и да се испратат храбри пораки дека Западен Балкан има јасна европска перспектива. Скопје работи со Владата во Софија за изнаоѓање решение, создадена е платформа „за враќање на довербата меѓу двете земји и за решавање на прашањата што ги попречуваат билатералните односи и особено европската перспектива на Северна Македонија“. Сега е критичниот момент за ЕУ да се вклучи во регионот, бидејќи очигледно ова што се случува во Украина покажува дека Западен Балкан е една чувствителна точка во срцето на Европа и дека процесот на проширување на ЕУ во главно се смета за политика на безбедност. Затоа, мислам дека сите треба да се огласат и да се обидат да испратат храбри пораки до регионот дека овој регион има јасна европска перспектива, за да се спречат дополнителен пораст на национализмот во регионот, дополнителни поделби и можна ескалација. А претпоставувам, ова го разбираат Бугарите – истакна шефот на дипломатијата.

Поврзани содржини