ЕУ штрекната од уцени

Очите лесно се затвораат пред двојниот морал, пред сè кога човек длабоко ќе се погледне во огледало. Руската војна против Украина е застрашувачка. Но, во глобални рамки сите стануваат дел од проблемот, така што светските актери се испреплетени и дејствуваат и реагираат врз база на меѓусебни дејствија.

965

Единството на ЕУ моментно е под силен притисок додека трајат обидите за јакнење на заедничка стратегија спрема Русија и нејзината инвазија на Украина. Барањето на Москва за гасот да се плаќа во рубљи ги постави на испит принципите и кредибилитетот на ЕУ, при што Брисел, слично на нарушената внатрешна солидарност што се случи во екот на пандемијата, повторно се соочува со потребата јасно да го манифестира единството на сите земји-членки и на таков начин цврсто да застане зад заедничките ЕУ-санкции кон Москва.

Но и овојпат ЕУ реагираше како да е неочекувано штрекната од веќе најавениот развој на настаните. Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, во својата куса изјава рече дека прекинот на испораките на рускиот гас за Полска и Бугарија претставува „неприфатлива уцена“, нагласувајќи притоа дека ЕУ и понатаму стои обединета наспроти Русија. Но разногласието во ЕУ, гледано од аспект на разни уценувања и користења на вета, не е никаква новост, така што најавата дека Унгарија е подготвена да се согласи со руското барање и да плаќа во рубљи, само покажува дека судирот на мислењата тешко се решава со поттурнување на нештата под тепих.






Проблемот на ЕУ и на нејзините одделни членки неретко се прецепира од перспектива на примена на политика на двојни стандарди. И на двоен морал, кога се во прашање војните. Се разбира, тешко дека би можело да се најдат разумни оправдувања за енормните страдања на цивилното население и уништувањата во Украина. Но иако не се толку чести во ударните медиумски термини, во услови на општа ЕУ-осуда на руската инвазија, сепак се слушаат и критики дека голем број медиуми и политичари во ЕУ дејствуваат како мегафони на влијателните американски јастреби, кои настојуваат динамиката на конфликтот да ја прикажат низ поедноставена црно-бела димензија.

Тоа секако добро му оди во прилог на американскиот милитаризам, осведочен со своите брутални интервенции во изминатите децении. Пред сè им оди во прилог на оние кои по завршувањето на Студената војна се погрижија за бескомпромисно заострување на линиите на конфронтации во светот и на разни начини ги поткопаа принципите на меѓународното право. Барањата на Русија за безбедносни гаранции преку таквата милитаристичка буица едноставно беа заобиколувани и третирани како слабост на Москва што треба да се искористи.

Западноевропските експерти и аналитичари изнесуваат блиски ставови и се согласуваат во толкувањта што ги пласираат во јавноста, без притоа да чувствуваат потреба да објаснат што можело да се направи за да се спречи путиновата инвазија, и какви различни интереси го поттикнуваат конфликтот во Украина.

Во централните телевизиски вести во скандинасвските земји, на пример, доминира осудата на непотребната и бесмислена руска инвазија, но малку се дискутира околу комплексноста на меѓународните односи и што би требало да се преземе за да се создаде подобра стабилност во глобални рамки. Посебно кога станува збор за тоа како се гледа на воените злосторства и воените дејствија во различни војни, односно како некоја војна, започната од страна на САД, се објаснува дека била неопходна поради заштита од извесни закани, додека војната на другите, на Русите, без никакви нијанси, безусловно се опишува како чиста, неиспровоцирана агресија.

Очите лесно се затвораат пред двојниот морал, пред сè кога човек длабоко ќе се погледне во огледало. Руската војна против Украина е застрашувачка. Но, во глобални рамки сите стануваат дел од проблемот, така што светските актери се испреплетени и дејствуваат и реагираат врз база на меѓусебни дејствија.

Извештаи, онакви какви што доаѓаат од војната во Украина, за силувања на жени, тортура на воени заробеници, употреба на забранети оружја, бомбардирања на болници, културни установи и инфраструктура, или, пак, извештаи за тоа како некој „случајно“ погодил локален патнички воз додека минувал преку железнички мост, имало и за американските војници, иако она што во сите војни се нарекува како воено злосторство не важи кога се во прашање војните што ги водат Американците. Тогаш се зборува за „индиректни штети.“

Врз основа на што една војна може да се прогласи за поморална од друга? Може ли една војна да се води за „воведување на демократија“, кога едновремено зад себе оставате пустелија, хаос и нестабилност. Како што деновиве беше забележано во еден дебатен напис во шведскиот весник „Афтонбалдет“, САД фрлаа по една бомба секоја минута во текот на првите триест денови во Заливската војна во 1990 година. Потоа во период од десетина години на Ирак му беа воведени санкции што предизвикаа смрт на стотици илјади ирачки деца, а што, според поранешната американска министерка за надворешни работи Медлин Олбрајт, била „висока, но неопходна цена“. Неколку години потоа Џорџ Буш изврши инвазија на Ирак, во, како што самиот тогаш рече, превентивна смисла, затоа што Ирак некогаш во иднина можел да претставува сериозна закана. Но какви санкци беа воведени против Вашингтон?

Она што сега го гледаме е дека ЕУ стои обединета во санкциите против Русија. Тоа го тврди Урсула фон дер Лајен, осудувајќи ја Русија дека ја уценува ЕУ, и сакајќи притоа да остави впечаток дека зборува со еден глас за целата ЕУ, како еден вид ЕУ-претседател. Иако, за волја на вистината, реалноста очигледно не е баш таква.

На дер Лајен слабо ѝ се гледаат уцените во сопствениот двор. Таа дури ни со полуотворена уста не се одважи да ги осуди бесмислените уцени на Бугарија кон Македонија, со кои Софија, оставена да спроведува агресивно самоволие во меѓународните односи, ги заобиколува и поткопува евроинтеграциите и европските вредности. Или, пак, за дер Лејен и бриселската бирократија постојат големи и мали уцени, толку мали, според примерот на „малата“ Македонија, што би можеле да се третираат и како „индиректна штета“, само за да се сочува привидот дека сите членки во куќата и понатаму стојат обединети.

Поврзани содржини