ЕУ САКА ДА „УБИЕ ЧЕТИРИ МУВИ СО ЕДЕН КАМЕН“ Ќе успее ли планот за Србија?
Решавањето на проблемот на Косово, потоа проблемот со БиХ и Република Српска, како и намалувањето на руското и кинеското влијание во Србија поединечно се четирите проблеми кои ЕУ се обидува да ги реши. За ЕУ, Белград е централен фактор во решавање на главните прашања на Западен Балкан.
Четири нешта како четири проблеми висат за решавање на Западен Балкан, а се поврзани со Србија. Тоа е прашањето за Косово, влијанието на Русија, влијанието на Кина и проблемот со БиХ и Република Српска. Според напис објавен на страницата на Европскиот совет за надворешни работи, малку од тоа е разрешено.
Написот на Мајда Руге насловен „Како да убиеш четири муви со еден камен“(во оригиналот е четири пци) вели дека Белград е централен фактор во решавање на главните прашања на Западен Балкан. Но, политиката на Александар Вучиќ може да биде пречка.
Србија досега одбиваше да се приклучи кон санкциите за Русија и, статијата вели, „нема знаци дека тоа ќе се промени“. Во однос на Кина, написот заклучува дека влијанието всушност пораснало поради инфраструктурни проекти.
Во однос на Босна и Херцеговина, се вели дека Вучиќ не е пропонент на цепењето, односно сецесионизмот на Република Српска, но дека тој е чест домаќин на Милорад Додик. Написот потсетува и дека Додик присуствува и на воените вежби на војската на Србија, за кои се вели дека „ја покажуваат способноста на Србија да ги заштити својата земја и народ“.
Во написот не се гледа оптимистички ниту на германско-францускиот предлог за Косово, иако Вучиќ даде сигнали дека може да го поддржи. Се наведува дека претседателот ја креира својата политика према јавното мнение во земјата кое е во големо мнозинство против предлогот. Исто така, се наведува дека 80 отсто од граѓаните се против воведување на санкции кон Москва.
„Србија нема да го смени надворешнополитичкиот курс додека нема последици од Западот“, се заклучува во текстот.
Една од изјавите на Вучиќ кој рече дека „е за компромис“ во врска со германско-францускиот предлог, како и неговите пораки до јавноста дека инвестициите од ЕУ ќе стивнат доколку земјата не воведе санкции беа протолкувани како можен чекор напред кон прифаќање на овој план.
Плусинфо веќе пишуваше дека германската фондација „Фридрих Еберт“ објави нацрт-план во 18 точки за можното создавање на Заедниците на српските општини и како тоа би изгледало согласно Уставот на Република Косово, а и Вучиќ и Курти излегоа со свои ставови во врска со документот.