ЕУ ПОДГОТВУВА РЕКОРДЕН БУЏЕТ Парламентот бара повеќе пари, Германија и Холандија се против
Европскиот парламент бара зголемување на буџетот на ЕУ за 10 проценти и дополнителни 200 милијарди евра, со акцент на земјоделството, социјалната политика и конкурентноста.
Европски парламент изгласа барање за зголемување на следниот седумгодишен буџет на Европска Унија за 10 проценти во однос на предлогот на Европска комисија, со што вкупниот износ би надминал два билиони евра.
Пратениците посебно ги издвоија земјоделството, кохезијата, социјалната политика и конкурентноста како области каде што се потребни дополнителни средства.
Според предлогот на Европската комисија, буџетот за периодот 2028–2034 година изнесува 1,8 билиони евра за земјоделство, индустриски развој и меѓународна помош, со дополнителни околу 165 милијарди евра за отплата на заедничкиот долг настанат по пандемијата на ковид-19. Со тоа, вкупниот износ достигнува 1,984 билиони евра.
Сепак, Европскиот парламент во Стразбур го поддржа зголемувањето на буџетот за дополнителни 200 милијарди евра, наменети за земјоделството, регионите и индустриската конкурентност.
Според информациите на Политико, за одлуката гласале 370 пратеници, 201 биле против, а 84 воздржани. Ова гласање се смета за вовед во тешки преговори со земјите членки, при што држави како Германија и Холандија веќе сигнализираа дека се залагаат за помал буџет.
Парламентот побара и попрецизно распределување на средствата, како и воведување нови заеднички даноци – за онлајн обложување, технолошки гиганти како „Amazon“ и „Google“, како и за крипто-компаниите.
Известувачот за буџет, Зигфрид Мурешан, порача дека „не е можно да се направи повеќе со помалку“, додека Карла Таварес оцени дека буџетот е „политичка мапа за иднината на Унијата“ и дека се потребни дополнителни средства за справување со предизвиците.
Според Еурактив, предложено е зголемување на издвојувањата за земјоделството, кохезијата и социјалната политика за дополнителни 103 милијарди евра, на вкупно 997 милијарди. Средствата за конкурентност би се зголемиле за 70 милијарди, на 660 милијарди евра, од кои 200 милијарди се предвидени за истражување и иновации. За надворешни активности се планирани дополнителни 24 милијарди евра, со што вкупниот износ би достигнал 239 милијарди.
Пратениците исто така го поддржаа враќањето на посебни буџетски линии за земјоделството, кохезијата и социјалната политика, како и посебно финансирање за здравството и заштитата на животната средина.
Со ова гласање, Европскиот парламент ја утврди својата преговарачка позиција пред разговорите со Советот на ЕУ и Европската комисија. Целта е буџетот да биде усвоен до крајот на годината, иако се очекуваат тешки преговори поради ограничените национални буџети и геополитичката неизвесност.