ЕУ НЕ МОЖЕ ДА СИ ИГРА СО ДОВЕРБАТА НА МАКЕДОНИЈА, РЕЧЕ ПЕЛЕГРИНИ Не смее да има нови услови во интеграцијата, порача словачкиот претседател
Интеграцијата на вашата земја во ЕУ не треба да се злоупотребува со политички спорови и се согласувам со укажувањето дека пристапниот процес за земјата треба да се заснова само на исполнувањето на критериумите и ниту една земја не треба да го злоупотребува тоа, само за да може да се занимава со сопствените прашања и притоа да го забавува вашиот процес на пристапување, што е речиси еден вид уцена, потенцираше словачкиот претседател на заедничката прес-конференција со претседателката Гордана Сиљановска Давкова во Вила Водно.
„Словачка е голем поддржувач на евроинтеграциите на вашата земја и целосно ќе го поддржи пристапувањето, затоа што тоа е вистинската перспектива и вистинскиот начин на којшто ќе се напредува. Но ЕУ не може само да си игра со довербата на оваа земја затоа што доаѓа момент кога луѓето едноставно ќе престанат да и веруваат на ЕУ и можат едноставно да кажат дека не сакаат да бидат членка на овој клуб, затоа што по децении напорни вложувања и мачни реформи тие едноставно нема да го прифатат тоа“.
Вака изјави шефот на словачката држава Петер Пелегрини на заедничката прес-конференција со претседателката Гордана Сиљановска Давкова во Вила Водно.
Словачкиот претседател ја критикуваше ЕУ дека постојано се поставуваат нови услови кон земјава и според него со тоа Унијата прави голема грешка бидејќи ќе ја изгуби динамиката на проширување.
– Интеграцијата на вашата земја во ЕУ не треба да се злоупотребува со политички спорови и се согласувам со укажувањето дека пристапниот процес за земјата треба да се заснова само на исполнувањето на критериумите и ниту една земја не треба да го злоупотребува тоа, само за да може да се занимава со сопствените прашања и притоа да го забавува вашиот процес на пристапување, што е речиси еден вид уцена- потенцира словачкиот претседател.
Тој потсети дека земјава морала да донесе тешки одлуки, како што е промената на името и оти сме дел од претпристапниот процес над 20 години.
– И покрај тоа сè уште немаме одговор на прашањето кога вашата земја ќе се приклучи кон ЕУ. Унијата ризикува со овој процес, ние како Словчака сме на ваша страна и ќе ве поддржуваме на сите можни начини затоа што веруваме дека иднината на ЕУ лежи во проширувањето, а сето тоа и безбедносно особено на овој регион и уверен сум дека имате цврсто место во ЕУ. Од страна на ЕУ ние мора да бидеме мошне чесни и да кажеме дали сме правични или само сакаме да го оддолжиме овој процес – нагласи Пелегрини.
Тој изрази надеж дека за време на утрешната посета на претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, таа ќе даде пооптимистична изјава во врска со пристапувањето и ќе им даде надеж, како што рече, на оваа земја и на овој народ.
Словачкиот претседател истакна дека Словачка отсекогаш и помагала на државава, но не секогаш сите можности се искористени и оти добро е да се интензивира заемната трговија и да се зацврстат конекциите и партнерствата, и за таа цел е потпишан Меморандумот за соработка.
– Ова не е само формално потпишување на Меморандум, каде само се фотографираме и го ставаме некаде во фиока, туку целта е да се развие ова понатаму. Со оваа средба и со средбата на министрите сакаме да работиме токму на развојот на економијата. Да, секако пристапувањето на Северна Македонија кон ЕУ ќе помогне во слободното движење на луѓе, стоки, услуги и по пристапувањето ќе има една нова динамика за земјата, која ќе биде од полза не само на земјата, туку и на ЕУ и може да помогне да се развие економијата на оваа земја затоа што во тој случај може да стане дел од поголем пазар со што ќе се олесни животот на граѓаните тука, во Северна Македонија – рече Пелегрини.
Словачка, додаде тој, е дел од експертски тимови што ѝ помагаат на Северна Македонија да минува низ целиот процес на преговори.
– Нашата држава мина веќе низ овој процес и направи многу грешки и свесни сме за фактот дека овој процес е навистина тежок и претставници од различни министерства учествуваат во различни преговори и ние му помагаме на Скопје да го следи овој пат и верувам дека за кусо време ќе пристапите кон ЕУ – додаде Пелегрини.
Во одговор на новинарско прашање дали рокот 2030 година за проширување на земјите од Западен Балкан кон ЕУ е реалистичен, тој повторно кажа дека го посакува тоа, но, вели, сметам дека ЕУ си игра со напорите на оваа земја.
– ЕУ треба да биде свесна дека овој процес на проширување е жив и земји како оваа имаат потенцијал да преговараат поглавје по поглавје, да ги спроведуваат реформите со цел да ги исполнат критериумите. Јас сум малку позагрижен дека пристапувањето на овие земји нема да се заснова на нивното техничко ниво на подготвеност, туку само ќе се играат геополитички игри со нив и дека во ЕУ ќе има земји коишто ќе играат политички игри, се со цел да го попречат пристапувањето и верувам дека ако го прават тоа тогаш тие ќе направат огромна политичка грешка и ќе зажалат поради тоа – потенцира тој.
Пелегрини исто оцени дека Унијата во моментов се соочува со криза, а она што е најлошо е дека ЕУ веќе не е гледана како еден од најважните и најсилни економски пазари во светот.
– ЕУ ја губи својата конкурентност. Двигателот за иновација и истражување заостанува зад азиските земји и зад САД. Се соочуваме со огромна криза на високи цени на енергијата, ни се заканува економска војна во форма на царински давачки. ЕУ се соочува со тешка ситуација и треба да се справи со неа и сите кои ја претставуваме ЕУ треба да собереме храброст за да ја развиеме економијата се со цел да не бидеме истиснати настрана. Треба многу да инвестираме во модерна инфраструктура, и во истражување и развој, но сепак верувам дека ЕУ се уште може да остане како еден од поголемите блокови – укажа Пелегрини.
Во врска со концептот одлуките во ЕУ да се носат по пат на кваилификувано мнозинство, Пелегрини кажа дека на тој начин би се изгубил гласот на помалите држави.
– Сите ние во ЕУ имаме ист глас, а сега загрижени сме дека ако го преместиме овој процес на квалификувано мнозинство, тогаш може да се случи дека големите играчи во ЕУ ќе диктираат и нема помалите да можат да кажат што треба да се прави. Затоа тука сме мошне претпазливи и повеќе би сакале да го задржиме правото на вето и исто така единствен глас за секоја земја со цел да можеме да го елиминираме диктатот на големите земји – посочи словачкиот претседател, кој е во официјална посета на земјава.