ЕУ НЕ МОЖЕ ДА ДАДЕ ГАРАНЦИИ ДЕКА НЕМА ДА ИМА ИДНИ ПРОБЛЕМИ НА ПАТОТ КОН ЕУ Марта Кос гледа голем напрадок во реформите, но повтори дека уставните измени се услов за напредок

Ќе имате придобивки, но усвојувањето на договорените уставни измени останува неопходниот следен чекор за формално започнување на пристапните преговори и затоа уште еднаш ја охрабрувам Владата да го започне процесот – рече еврокомесараката за проширување на ЕУ Марта Кос.

39

Еврокомесарката Марта Кос по денешната средба со премиерот Христијан Мицкоски во Владата уште еднаш повтори дека земјава мора да ги направи уставните измени со внесување на Бугарите како малцинство, за да го продолжи патот кон Европската Унија. Кос рече дека земјава, иако испорачува многу во реформската агенда, сепак за продолжување на пристапните преговори потребни се уставни измени.

– Гледаме напредок во реформската агенда и токму поради тоа сакаме да ја поздравиме зголемената посветеност на Владата во напредувањето на оваа работа. Членство во ЕУ ќе донесе уште поголеми придобивки. Би сакала да го објаснам ова со случајот на Црна Гора. Знаеме дека Црна Гора е предводник и ќе добијат трипати повеќе средства од финансиска помош на ЕУ кога ќе станат членка. Ќе имаат веднаш придобивки, а ние истото го сакаме и за Северна Македонија. Но, усвојувањето на договорените уставни измени останува неопходниот следен чекор за формално започнување на пристапните преговори и затоа уште еднаш ја охрабрувам Владата да го започне процесот којшто наскоро може да донесе измени во Уставот. Имате ваше место во Европската Унија како полноправна земја членка и дозволете ни да работиме заедно – изјави Кос на прес-конференцијата во Владата.






Одговарајќи на новинарско прашање Кос кажа дека Европската Унија не може да дава гаранции однапред и дека ЕУ се темели на доверба, обврски, посветеност, нивно исполнување и работа. Прашана како Македонија да изгради доверба со Бугарија, кога таа не ги признава македонскиот јазик и идентитет, Кос кажа дека Европската унија е изградена токму на доверба.

– Нема рецепт како ќе ја изградиме довербата. Јас не сум онаа која може да ви дава совети за тоа како да изградите доверба со вашите соседи. Но она што го знам е дека колку повеќе доверба имате, толку полесно ќе напредувате низ пристапниот процес – рече Кос.

По средбата со Мицкоски, Кос ќе разговара и со претседателот на Собранието Африм Гаши, а ќе има средба и со вицепремиерот и министер за европски прашања, Беким Сали.

Комесарката Кос заедно со Сали и со министерката за образование и наука ќе го посети студентскиот дом „Стив Наумов“ во Скопје, реновиран со средства од ЕУ. Таа исто така ќе се сретне со младински организации од земјата за да разговараат за можностите што ги нуди поблиската интеграција со ЕУ на младите луѓе, вклучително и преку програми, како што се „Хоризонт Европа“ и „Еразмус+“. Подоцна во текот на денот, комесарката Кос ќе се сретне со претставници на организациите на граѓанското општество и медиумите за да разговара за спроведувањето на клучните реформи поврзани со ЕУ, особено во областа на владеењето на правото.

Поврзани содржини