ЕУ И СОФИЈА ДА ГО ОДРЖАТ ВЕТУВАЊЕТО КОН СКОПЈЕ И КОН ТИРАНА За Германија е добро што процесот се одвива билатерално
Важно е сите ние како ЕУ, а тука припаѓа и Бугарија, да си го одржиме ветувањето кон Северна Македонија и кон Албанија, рече германската министерка за надворешни работи Ана Лирман.
Државната министерка во германското Министерство за надворешни работи Ана Лирман смета дека се многу позитивни и охрабрувачки сигналите од првата средба на македонскиот премиер Димитар Ковачевски и неговиот бугарски колега, премиерот Кирил Петков во Скопје.
Во интервју за Дојче веле Лирман изразува надеж дека земјава наскоро ќе ги почне преговорите со ЕУ.
ЕУ и Бугарија, потенцира министерката, треба да си го одржат ветувањето кон Северна Македонија.
Германската министерка го посети Скопје во понеделникот и беше прв странски дипломат кој се сретна со новиот премиер Ковачевски и со повеќе владини претставници.
– Убав сигнал е тоа што новата македонска и бугарска влада отворено се придвижија. Се надевам дека билатералните теми кои постојат во тој билатерален формат набрзо ќе се надминат. И за мене беше многу важна мојата посета, затоа што се случи веднаш по формирањето на новата влада и тоа му беше првата посета на новиот премиер и тоа покажува колку се добри односите меѓу Северна Македонија и Германија, што посетата се случи толку брзо – истакнува Лирман за Дојче веле.
Важно е, додава таа, што почнаа разговорите со Бугарија и тоа што се одвиваат во билатерален формат.
– И од Скопје и од Софија пристигнаа позитивни, охрабрувачки сигнали и постои свест дека е важно што побрзо да се почне со пристапните преговори со ЕУ – нагласува министерката.
На прашањето да ги коментира критиките кон бугарскиот премиер Петков по враќањето во Софија, и подготвеноста на Германија да ги поддржи преговорите меѓу двете земји, Лирман вели дека процесот треба да остане билатерален, но и дека интересот на новата бугарска влада треба да биде фокус на домашните приоритети.
– Важно е сите ние како ЕУ, а тука припаѓа и Бугарија, да си го одржиме ветувањето кон Северна Македонија и кон Албанија. Ние сме подготвени да го поддржиме тој процес, но во најголем дел се работи за билатерален процес. Мислам дека и за новата бугарска влада приоритет е да продолжи со сопствената реформска агенда и дека постои желба историјата да им се остави на историчарите – вели Лирман.
Лирман, која дојде на функцијата по формирањето на новата германска влада во декември минатата година, во интервју за Дојче веле вели дека не случајно ги одбрала Скопје и Тирана како адреси за нејзиното прво патување во странство, а целта била да се покаже посветеноста на германската влада на европската перспектива на земјите од регионот.