ЕУ и пораст на ризикот од сиромаштија

Иако бројот на граѓани во сиромашните земји од Западен Балкан, кои кон ЕУ гледаат со розови очила, постојано се намалува, членството во Унијата и понатаму се сфаќа токму како можност за спас од сиромаштијата. Но, реалноста, сепак, има повеќе нијанси.

153

Граѓаните на Бугарија, според најновите податоци на Евростат, се изложени на најголем ризик во ЕУ од запаѓање во сиромаштија и социјална исклученост. Нешто повеќе од 30 отсто од Бугарите, приближно 28 отсто од Романците и 27 отсто од Грците се соочени со таков ризик, додека од другата страна на табелата со најмал процент на граѓани врз кои надвиснува сиромаштија се Чешка со само 11,3 отсто, како и Словенија и Холандија со околу 15 проценти во ризичната зона.

Иако бројот на граѓани во сиромашните земји од Западен Балкан, кои кон ЕУ гледаат со розови очила, постојано се намалува, членството во Унијата и понатаму се сфаќа токму како можност за спас од сиромаштијата. Но, реалноста, сепак, има повеќе нијанси.






Според вообичаениот начин на мерење на ризикот од сиромаштија, како што деновиве објави Евростат, бројот на ранливите категории во ЕУ се намалил меѓу 2024 и 2023 година за 1,2 милиони, на вкупно 93,3 милиони луѓе, што изнесува 21 отсто од жителите на ЕУ. Тоа значи дека помалку луѓе живееле во домаќинства со најмалку еден од трите ризици: ризик од сиромаштија, тешка материјална и социјална сиромаштија или во домаќинства со многу низок интензитет на работа.

Целта за 2030 година, поставена за ЕУ во целина, е да се намали вкупната бројка на европски граѓани изложени на ризик од сиромаштија за најмалку 15 милиони луѓе, од кои околу пет милиони треба да бидат деца. Но, бидејќи како споредбена е земена 2019 година, кога 92,2 милиони луѓе се сметаа изложени на таков ризик, јасно е дека трендот моментно оди во спротивна насока, со 1,1 милион повеќе лица подложни на осиромашување сега, во споредба со пред пет години.

Статистиката за статусот сиромаштија во низа ЕУ-членки најмногу ја пополнуваат мигрантите. Околу 56 отсто од граѓаните во Грција родени во странство не успеваат да се извлечат од зоната на материјална и социјална сиромаштија, во споредба со етничките Грци, меѓу кои таа бројка изнесува 26 проценти.

Во Германиоја меѓу граѓаните родени во странство 17 проценти се сметаат се сметаат за сиромашни, за разлика од Германците меѓу кои таа бројка е околу 6 проценти. 1,5 отсто од домородното шведско население се смета за материјално сиромашно, за разлика од родените во странство, кои живеат и работат во Шведска (околу 10 проценти).

Нема никакво сомнение дека членството во ЕУ несомнено го забрзува излегувањето од економската заостанатост и неразвиеност, но сиромаштијата тешко ја подобрува својата положба и споро прогледува и под чадорот на Унијата. Речиси 25 отсто, или секое четврто дете во ЕУ се наоѓа во ризичната зона на сиромаштија и социјална исклученост.

Сиромаштијата како статус на наследност тешко се надминува во повеќе членки на ЕУ, посебно во некои бивши комунистички земји од Источна Европа. Општо земено, ризикот од сиромаштија е значајно поголем за оние кои растеле во сиромашни семејства. За европските граѓани, пак, од економски помоќните западни членки, од „старата“ ЕУ, таквиот ризик е двојно помал.

Во Данска, на пример, мерено од аспект на социјалниот и економски статус на семејството, не постои речиси никаков ризик од запаѓање во сиромаштија доколку некој растел во семејство со лоша економија. Околу 10 отсто од Данците за кои се смета дека живееле во домаќинства со слаба економија, и исто толку од оние кои живееле во подобро ситуирани семејства, се класифицираат како „релативно сиромашни“ во статистиката на Евростат.

Еден од главните ефекти на европските интеграции, гледано во подолг временски период од неколку децении, е тоа што БДП по глава на жител на членките на ЕУ се приближи до европскиот просек, така што постепено се случува изедначување меѓу населението на најбогатите земји и жителите на најсиромашните земји во Унијата. 13 од 16-те најсиромашни членки на ЕУ и 8 од 11-те најбогати земји денес се поблиску до просекот на ЕУ отколку пред десетина години.

Зборувајќи за целта за намалување на сиромаштијата во Унијата до 2030 година, Урсула фон дер Лајен во своето обраќање пред Европскиот парламент, откако беше реизбрана за претседателка на Европската комисија, вети прва стратегија против сиромаштијата во наредниот петгодишен мандат на Комисијата. Остри критики доаѓаат од разни страни во ЕУ дека средствата од европските фондови често се злоупотребуваат за лични интереси, наместо да се насочат кон борбата за намалување на сиромаштијата и подобрување на човековите права. Токму затоа се очекува порешителен ангажман од страна на Европската комисија.

Значи, ризикот од запаѓање во сиромаштија е јасно присутен. Но тенденциите на осиромашување во Европа на најширок план, сепак, имаат и извесен позитивен дел во вкупната слика. Во ЕУ како целина, во периодот од 2015 до 2023 година, бројката на граѓани класифицирани како материјално и социјално сиромашни е намалена од 9,7 на 6,8 проценти од вкупното население во Унијата.

Во крајна линија, нема посебно големи причини да се верува дека таквите развојни бранови не би ги повлекле и балканските земји кандидатки за членство кон помирни и постабилни економски води. Без оглед на фактот дека зголемувањето на нееднаквоста и раслојувањето во ЕУ не исчезнуваат толку лесно, постојано јакнат и претпоставките дека сиромаштијата како социјален печат сепак може да биде сведена на помало и поподносливо ниво.

Поврзани содржини