ЕУ ДА НИ ДАДЕ ДАТУМ БЕЗ НОВИ УЦЕНИ Мицкоски бара датум за преговори во декември

За лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, во спорот со Бугарија е прифатливо секое решение кое е во рамки на Резолуцијата која беше донесена во македонското Собрание.

604

ЕУ треба да се одважи и да даде датум за преговори со Македонија и да не ја уценува државата со дополнителни отстапки, рече денеска претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање при посетата на општина Кисела Вода.

Според него, во спорот со Бугарија е прифатливо секое решение кое е во рамки на Резолуцијата која беше донесена во македонското Собрание.






– Секое решение кое е во рамките на Резолуцијата која е поддржана од политичките партии во македонскиот Парламент, ВМРО-ДПМНЕ ќе го поддржи. Иако во минатото нѐ убедуваа дека немаме отворени прашања со соседите, но како и во други случаи тие лажат, така е и овој пат. Се обидуваат повторно со политички маневри да ја замајуваат јавноста – истакна Мицкоски.

Тој нагласи дека час поскоро треба Македонија да добие датум за преговори со ЕУ и тоа треба да се случи сега на овој декемвриски европски самит и не треба писма да пишуваат било кои од европските политичари, туку треба да се следат европските елементарни цивилизациски вредности.

– Овој народ многу пати во минатото застанал на тие европски цивилизациски вредности, овој пат треба Европа да му врати на народот на Македонија и да не нѐ уценува со дополнителни отстапки. Тоа нема да го прифати ВМРО-ДПМНЕ. Треба веднаш да се даде зелено светло, Македонија да започне преговори со ЕУ. Европа треба да се одважи да му даде признание на овој народ и да ни даде датум за преговори – изјави Мицкоски.

Поврзани содржини