ЕУ ДА НЕ ДОЗВОЛИ МАКЕДОНИЈА ДА БИДЕ ЖРТВА Матарела и Сиљановска Давкова очекуваат културен дијалог со Бугарија
Очекува тој, и јас очекувам да дојде до разговори со нашите соседи да видиме кое е можеби најдоброто решение, рече претседателката и додаде дека ги реафирмирала заложбите за гаранции, соопшти Кабинетот на Сиљановска Давкова во врска со средбата на македонската претсеателка со италијанскиот колега.
Претседателот на Италија Серџо Матарела, како пријател на Македонија, но и голем пријател на Западен Балкан, веќе разговарал со господинот Антонио Кошта, но и со госпоѓата Урсула Фон дер Лајен, за она што нам ни се случува и рекол дека „не смее Европската унија да дозволи ние да бидеме жртва на идентитетски прашања, или на билатерализација врзана за идентитетските прашања“, информираше кабинетот на претседателката Гордана Сиљановска Давкова во соопштение за средбата на Сиљановска Давкова со Матарела во Рим.
Италијанскиот претседател ги информирал челниците на ЕУ дека Македонија не смее да биде жртва на идентитетски прашања.
„Очекува тој, и јас очекувам да дојде до разговори со нашите соседи да видиме кое е можеби најдоброто решение, рече претседателката и додаде дека ги реафирмирала заложбите за гаранции“, соопшти Кабинетот.
Претседателката Сиљановска Давкова се сретна со италијанскиот колега по средбата со Папата Лав XIV.
Од кабинетот на претседателката соопштуваат дека со Матарела било разговарано за македонскиот евроинтегративен пат, „при што беше констатирано дека Италија, како дел од неформалната група ‘Пријатели на Западен Балкан’, ја препознава важноста на проширувањето на ЕУ“.
Сиљановска Давкова му заблагодарила на Матарела за силната поддршка на Италија како наш важен политички и економски партнер.
„Претседателката Сиљановска Давкова истакна дека ако ова биде уште една од промените на којашто укажува Европската унија, не само што ние нема ништо да добиеме, туку нема да добие ништо ниту Балканот, бидејќи приказната за ветото и приказната за билатерализацијата на евроинтеграцијата ќе се повтори“, се додава во соопштението.
Македонската претседателка утрово имаше аудиенција кај Поглаварот на Римокатоличката црква, Папата Лав XIV со кого во подолг разговор е потврдено пријателството помеѓу државава и Ватикан. Осврнувајќи се на посетата на Италија, Сиљановска-Давкова изјави дека и Папата и претседателот на Италија, биле и остануваат наши пријатели и дека навистина нема да ги заборават ниту принципите на ЕУ.
Како што велат од Кабинетот, претседателката, на средбите потсетила дека „ЕУ без принципи и вредности не може да биде филозофија, не може да биде престижна и инспиративна заедница“, но исто така ја нагласила и потребата „да седнеме културно со соседите во случајот со Бугарија и да го решиме проблемот”.