ЕУ ДА ГИ ПРИМИ БАЛКАНЦИТЕ ИЛИ ЌЕ ИМА ПРОРУСКИ БЛОК? Политико анализира, „ќе се протега од Унгарија до Турција“
Ако ЕУ продолжи да ги држи подалеку, алтернативите би можеле да бидат поголемо усогласување со Русија, создавање на нелиберална, неврзана зона која би можела да се протега од Унгарија до Турција, пишува аналитичарот Тејлор за Политико.
Нов блок на држави, поточно зона на „неврзани“ земји кои ќе бидат наклонети кон Русија може да се појави на територијата од Унгарија па сè до Турција доколку Европската унија не го земе за брзо време Балканот под своја закрила, смета Пол Тејлор, познат колумнист за порталот Политико. Тејлор вели дека оваа „нелиберална“ зона би можела да доведе и до нов конфликт.
Според него, лидерите на ЕУ мора да го искористат геополитичкиот момент. Војната во Русија треба да биде будилник за Унијата да ги интегрира земјите од Западен Балкан, кои имаат вкупно население од помалку од 18 милиони жители.
„Ако ЕУ продолжи да ги држи подалеку, алтернативите би можеле да бидат поголемо усогласување со Русија, создавање на нелиберална, неврзана зона која би можела да се протега од Унгарија до Турција, или – уште полошо – нов вооружен конфликт кој вклучува отровна мешавина од организиран криминал и вооружена миграција“, пишува Тејлор.
Париз и Хаг се задоволни од статус-квото на Балканот?
„Во некои западноевропски метрополи, особено во Париз и Хаг, каде што заморот од проширувањето на ЕУ е најинтензивен, постои самозадоволна претпоставка дека статус квото е толерантно и не претставува сериозен ризик за европската безбедност“, додава тој.
„Навистина, луѓето од Западен Балкан се уморни од војни. И, иако се чини дека ситуацијата е под контрола, таа не е одржлива на неодредено време“, оценува колумнистот.
Нема гаранција дека нема да се пука на Косово и во БиХ
„Не постои гаранција дека нерешените конфликти во БиХ или меѓу Белград и Приштина ќе останат замрзнати, или дека локализираното политичко насилство нема да ескалира, привлекувајќи надворешни играчи и поттикнувајќи нови текови на бегалци, оружје и дрога во ЕУ“.
Тој потоа за пример го дава недоразбирањето со регистарските таблички на Косово ко може да биде „мала искра која ќе предизвика сериозен пожар“.
Написот наведува и дека Москва „се обидува да го разгори сесловенскиот православен национализам и да ги искористи поделбите секаде каде што може“ поддржувајќи го лидерот на босанските Срби Милорад Додик во неговите барања за независност на Република Српска.
Кина, од своја страна, главно се стреми кон економски инвестиции преку својата иницијатива „Појас и пат“. Според Тејлор, Пекинг „ја користи својата финансиска моќ за да ги одврати балканските држави да ги поддржат критичните резолуции на ОН за кршење на човековите права“.
ЕУ да работи одвнатре на Балканот
Се спомнува и барањето на Украина и Молдавија да влезат во ЕУ.
„Кога лидерите на ЕУ побрзаа да им доделат кандидатски статус на Украина и Молдавија во јуни, елитите од Западен Балкан разбирливо се плашеа дека нивните земји биле дополнително турнати во редот за членство“, пишува Тејлор.
Познатиот аналитичар вели дека е добро што ЕУ оваа година почна да посветува поголемо внимание на регионот. Но, Тејлор смета дека ЕУ треба да ги покани земјите сами да избираат набљудувачи во Европскиот парламент, односно и тие да имаат глас во ова законодавно тело. Во однос на исполнување на реформите тој пишува дека ЕУ треба „да работи одвнатре“ и дека не смее да ги остави балканските земји „да гнијат“.