ЕУ-членство во мини издание ‒ без право на глас
Моделот би им овозможил на земјите-кандидатки да станат членки и да добијат пристап до значаен дел од придобивките на ЕУ, но без право на вето во донесувањето одлуки на Унијата, сè додека не се спроведат институционалните реформи. На овој начин, ЕУ би можела да расте без претходно да ги менува своите основачки договори ‒ на што се спротивставуваат неколку земји.
Црногорскиот претседател Јаков Милатовиќ деновиве при неговата прва официјална посета на Шведска изјави дека Црна Гора се стреми кон членство во ЕУ веќе во 2028 година. Една од неговите најважни пораки е дека членството во ЕУ, како и во НАТО, е клучно за стабилноста во Европа.
Милатовиќ ја повикува ЕУ да го забрза процесот на прием на нови земји-членки, бидејќи војната во Украина несомнено направи ЕУ-проширувањето да стане стратешко прашање. Но најголемиот предизвик, всушност, е зачленувањето на Украина, која многумина по секоја цена сакаат да ја истуркаат на брза трака кон ЕУ.
Мнозинството ЕУ-членки сакаат Украина да стане членка на Унијата, но некои земји продолжуваат да го забавуваат процесот. Токму затоа сега се дискутира ново решение за да се заобиколи проблемот, така што приемот на нови членки би се случил преку делумно соголен и ограничен формат на вообичаеното членство.
Тоа практично би значело доброволно откажување на земјите кандидатки од правто на вето за да можат да ја напуштат чекалната, во која ништо позначајно не се случило повеќе од една деценија, по приемот на Хрватска во 2013 година. Поради „заморот од проширувањето“ вратата пред ЕУ-чекалната долго време беше целосно замандалена. Надежите сега се подгреваат дека резето најпосле малку ќе се подотвори.
Шведска и Австрија се меѓу членките кои се заинтересирани за проширување на Унијата, за разлика од Унгарија и неколку други земји-членки кои го блокираат процесот, па затоа сега се актуелизраат мерки кои веќе подолго време беа предмет на неформални дискусии меѓу земјите-членки и Европската комисија.
Моделот би им овозможил на земјите-кандидатки да станат членки и да добијат пристап до значаен дел од придобивките на ЕУ, но без право на вето во донесувањето одлуки на Унијата, сè додека не се спроведат институционалните реформи. На овој начин, ЕУ би можела да расте без претходно да ги менува своите основачки договори ‒ на што се спротивставуваат неколку земји.
Заднината на интензивираните дискусии заправо е растечкото незадоволство бидејќи процесот на проширување е ефикасно во застој повеќе од една деценија, така што на евроинтегративната сцена завесата со години е спуштетена пред земјите-кандидатки, меѓу кои се Македионија, Црна Гора и Србија. Тоа што во последно време повторно се зборува за европската перспектива на земјите од Западен Балкан, најмногу се должи на фактот дека Брисел го смета проширувањето на Унијата како клучна алатка прот ив руското влијание во регионот.
Неколку ЕУ-членки се залагаат за забрзување на процесот. Тие веруваат дека постепената интеграција може да ја одржи жива волјата на земјите-кандидатки за реформи, а во исто време да го заштити капацитетот на ЕУ за донесување одлуки.
Освен од страна на Шведска и Австрија, предлогот е поддржан од политичарите во Германија и од лидерите на Западен Балкан, кои, со повеќе или помалку оптимизам, тоа го гледаат како реалистичен пат напред.
„Проширувањето не смее да се забавува од страна на одделни членки на ЕУ кои ги блокираат реформите“, нагласи неодамна за “Политико“ Антон Хофрајтер, претседател на Комитетот за европски прашања на германскиот Бундестаг.
Во секој случај, постојат значителни противења. Унгарија, Франција и Холандија досега се спротивставуваа на укинувањето на правото на вето за постојните членки, што го отежнува спроведувањето на целосниот внатрешен реформски процес.
Во исто време, во неколку европски метрополи расте двоумењето околу брзото прифаќање на нови членки, најмногу поради домашните политички немири и зголемената поддршка што ја добиваат екстремните десничарски и популистички партии.
Се очекува Европската комисија наскоро да ја презентира својата годишна проценка за напредокот на земјите-кандидатки, во чии рамки би можеле да бидат вклучени и предлози за внатрешни реформи како подготовка за идното проширување.
Во интервју за Шведското радио Јаков Милатовиќ потенцира дека Црна Гора продолжува забрзано да напредува на својот европски пат како единствена кандидатка која ги има отворено сите преговарачки поглавја и досега има затворено седум.
Во исто време црногорскиот претседател своите гледишта ги става во контекстот на засилените определби на Брисел за внесување нова енергија во заложбите за прием на нови членки по започнувањето на руската војна во Украина. Ако има еден позитивен аспект, вели Милатовиќ, во однос на трагедијата која се одигрува во Украина, тогаш тоа е фактот дека Европа разбрала дека процесот на проширување е и безбедносно прашање за цела Европа.
Европската комисија често го претставува членството во Европската Унија како најважната геополитичка алатка на европскиот блок против „заканувачката Русија“. Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, го стави проширувањето во центарот на својата стратешка агенда и се залагаше за членство на Украина и Молдавија до 2030 година. Сепак, и покрај притисокот од Брисел, лидерите на ЕУ, соочени со растечка поддршка за крајно десничарските партии на домашен план, се чини дека не брзаат со заложбите ветерот посилно да дувне во едрата на ЕУ-проширувањето, што би овозможил европскиот блок да се зголеми на 30 членки и повеќе.
Германскиот канцелар Фридрих Мерц деновиве рече дека не очекува Украина да се приклучи на ЕУ во рамките на следниот седумгодишен буџет, кој важи до 2034 година. Мерц исто така потенцира дека Германија силно го поддржува европскиот пат на земјите од Западен Балкан, но едновремено врли дека идното членство на регионот зависи исклучиво од исполнувањето на европските стандарди и демократските критериуми.
Црна Гора е најблиску до членството ЕУ, за разлика од другите земји-кандидатки во регионот, меѓу кои и Македонија, која дури не ги ни започнала своите предристапни преговори. Црногорскиот претседател Милатовиќ од своја страна е горд дека неговата земја е досега единствената која успеала да ги отвори сите преговарачки поглавја.
Од Брисел и понатаму пристигнуваат оптимистички пораки дека Црна Гора може да го заврши процесот на пристапување до 2028 година. Но, зад таа волја, стои и обврска бидејќи од вкупно 33 поглавја Подгорица успеала да затвори само мал број од нив. Прашањето е дали земјата ќе покаже доволно капацитет за реформи, за навистина да ја претвори оваа цел во реалност.
Се чини дека заговарање на „скартена постапка“, со свесно замижување пред неисполнувањето на стандардите, како што тоа беше очигледно во случајот на Бугарија и Романија, па и Хрватска, веќе нема да се повтори. Должината на европскиот пат на земјите од Западен Балкан и понатаму останува нејасна. Бидејќи, како што вели Фридрих Мерц, сакајќи ветувањата да не западант, како и обично, во расчекор со реалноста, тој пат нема да биде лесен кога станува збор за реформите и владеењето на правото.
Простор за поинакви толкувања е очигледно одамна стеснест.