ЕСМ ГО ПРОДОЛЖИ РОКОТ НА ТЕНДЕРОТ ЗА НАБАВКА НА ЈАГЛЕН Заинтересираните компании го барале тоа

Од компанијата велат дека се надеваат дека јавната набавка ќе се заврши успешно.

1,038

Дали ЕСМ ќе успее во екот на енергетска криза да набави 1,2 милиони тони јаглен за потребите на РЕК Битола и на ТЕЦ Осломеј како што планираше?

Од компанијата велат дека се надеваат дека постапката успешно ќе заврши. Ангажирани се и владата и Стопанската комора. Експертите, пак, велат дека можеби земјите кои располагаат со јаглен нема да го продаваат во енергетска криза.






ЕСМ го продолжи рокот за достава на понуди до 18 октомври. Претходниот рок беше до денеска кога беше закажано и отворање на понудите.

Од ЕСМ за Плусинфо изјавија дека компаниите кои пројавиле интерес да учествуваат на тендерот побарале продолжување на рокот.

– Рокот на јавниот повик е продолжен за три работни дена на барање на странски компании со цел да можат да доставаат соодветни и комплетни понуди. Во анимирање и поттикнување на компаниите од регионот да се јават на повикот вклучени се и Стопанската комора и Владата – велат од ЕСМ.

Оттаму додаваат дека планот на АД ЕСМ е да набави јаглен и се надеваат дека постапката успешно ќе заврши.

– Продолжува засилениот ископ на домашен јаглен, но за да можат во краток рок да се вклучат максималните капацитети на термоелектраните согласно моменталните потреби на стопанството за поевтина електрична енергија, потребно е да се набави јаглен и сметаме дека постапката успешно ќе се реализира велат од ЕСМ.

Експерти, пак, велат доцна се набавува јаглен, бидејќи во екот на кризата  не се знае дали некоја земја ќе сака да го продава својот јаглен. Без разлика дали ќе се увезува од Грција или од Косово, сите земји се во криза и сите ќе си го чуваат своето богаство.

Според нив, бидејќи станува збор за голема количина важно е по која цена ќе се купи, и како ќе се донесе до тука. Нивните пресметки се дека ќе бидат потребни околу два месеци за да се транспортираат овие количини до термоелектраните.

Поврзани содржини