ЕСКАЛИРА ВЕРБАЛНАТА ВОЈНА МЕЃУ ЏОРЏ КЛУНИ И БЕЛАТА КУЌА Актерот го нападна Трамп и веднаш доби жесток одговор

Директорот за комуникации на Белата куќа, Стивен Чеунг, брзо реагираше на изјавите на Клуни и во изјава за медиумите возврати со личен напад.

130

Долгогодишниот вербален конфликт меѓу холивудскиот актер Џорџ Клуни (64) и американската администрација повторно ескалираше, откако Клуни остро ја критикуваше изјавата на претседателот Доналд Трамп (79) за Иран, предупредувајќи дека таквата реторика ги преминува границите на политичката дебата.

Според „Гардијан“, зборувајќи пред околу 3.000 средношколци во италијанскиот град Кунео, на настан организиран од неговата фондација, Клуни ја окарактеризира заканата на Трамп дека „цела цивилизација може да исчезне преку ноќ“ како потенцијално воено злосторство.






– Некои велат дека Доналд Трамп е во ред. Но, ако некој каже дека сака да стави крај на цивилизација, тоа е воено злосторство. Можете да поддржувате конзервативни ставови, но мора да постои граница на пристојност што не смееме да ја преминеме.

На изјавите на Клуни брзо реагираше директорот за комуникации на Белата куќа, Стивен Чеунг, кој одговори со личен напад во изјава за медиумите.

– Единствената личност што извршува воени злосторства е Џорџ Клуни – со неговите ужасни филмови и лоши актерски вештини – рече Чеунг.

Потоа Клуни ја нагласи сериозноста на ситуацијата во дополнителна изјава, предупредувајќи за последиците од воената реторика.

– Семејствата ги губат своите најблиски. Децата се изгорени. Светската економија виси на конец. Ова е момент за сериозна дискусија на највисоко ниво, а не за инфантилни навреди – рече актерот, осврнувајќи се на дефинициите за воени злосторства во меѓународното право.
Интересно е што Клуни и Трамп некогаш биле во добри односи. Актерот претходно изјави дека често се среќавале и комуницирале пред влегувањето на Трамп во политиката.

На почетокот на годината, Трамп кој и претходно често го нарекуваше Клуни „второкласен“ и „третокласен актер“, па дури и „лажен филмски актер“ кој никогаш не направил голем филм, ја критикуваше и одлуката на Франција да им додели државјанство на Клуни и неговото семејство, нарекувајќи ги „едни од најлошите политички прогнозери“.

Клуни не му остана должен и, осврнувајќи се на американските избори, рече: „Се согласувам целосно со сегашниот претседател, мора повторно да ја направиме Америка голема. Ќе започнеме во ноември“.

Поврзани содржини