Есапот во партија и во Собрание не е ист

Според информации на Плусинфо од партиите, барем засега ниту власта ќе го зголеми мнозинството, ниту пак, опозицијата ќе го преземе. Нашите извори велат дека повеќе станува збор за билдање на партиските рејтинзи во пресрет на локалните избори.

2,856

Каде ќе натежне мнозинството – кон СДСМ или кон ВМРО-ДПМНЕ, е дилемата по вчерашната објава на ЛДП дека во Собранието ќе дејствува независно, како и по најавите на опозицијата дека во март ќе го преземе мнозинството и изјавата на лидерот на Беса, Билал Касами, дека двајца пратеници од опозициската албанска коалиција ќе станат дел од власта. Премиерот Зоран Заев ја оквалификува „независноста“ на ЛДП како удар врз СДСМ и врз владината коалиција.

Информации за окрупнување на мнозинството и за ново владино мнозинство речиси секојдневно се лиферуваат од високи функционери, вклучително и лидерите на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ, Заев и Христијан Мицкоски, дека прашање на ден е кога според премиерот, ќе го зацврсти мнозинството, а според ВМРО-ДПМНЕ, кога опозициската партија ќе го преземе мнозинството.






Сепак, според информации на Плусинфо од партиите, барем засега ниту власта ќе го зголеми мнозинството, ниту пак, опозицијата ќе го преземе. Нашите извори велат дека повеќе станува збор за билдање на партиските рејтинзи во пресрет на локалните избори. Тие додаваат дека преку медиумите ниту се зголемува мнозинството, ниту се презема и ако има такво нешто, само ќе се соопшти кога работата ќе биде готова.

Од ЛДП за Плусинфо велат дека нивните двајца пратеници и натаму ќе ја поддржуваат власта и дека не станува збор прегрупирање на политичката сцена кое ќе овозможи опозицијата да го преземе мнозинството.

– Независното дејствување на нашите пратеници во Собранието е за поголема визибилност на партијата. Не станува збор за вртење грб на владината коалиција и соработка со ВМРО-ДПМНЕ за ново мнозинство. Одлуката за независно дејствување органите на партијата ја донесоа уште во август. Нешто подоцна Беса излезе со став дека самостојно ќе дејствува во Собранието, па решивме да почекаме за да не биде сфатено погрешно. Ја активиравме сега, бидејќи сѐ нешто се случува, ќе има попис, па локални избори. Една од причините за независно дејствување е и можноста на локалните избори ЛДП самостојно да настапи, но за ова сѐ уште нема одлука на партијата – вели висок функционер на ЛДП.

Но Заев ова го дочека како нож во грб од страна на коалицискиот партнер, барем кога станува збор за тајмингот. Одлуката за ваков чекор, премиерот вели, е донесена уште во текот на формирањето на владината коалиција. На овој чекор, нагласува Заев, ЛДП се одлучила поради тоа што, како што нагласиле од партијата, сакаат да бидат повидливи, бидејќи помалите партии наводно биле претопени во поголемите партии.

– Јас го разбирам тоа. Тоа е право на секој пратеник од коалицијата, па така и на секоја политичка партија. Нивно право е, тие може да одлучат секако да истапат, да формираат посебна пратеничка група и така да продолжиме коалициски да делуваме. Еве ЛДП има двајца пратеници, сакаат самостојно да настапуваат, не како дел од целокупната пратеничка група, ама дека не е соодветно времето сега, не е соодветно. Во вакви околности кога опозицијата тврди дека може да формира мнозинство, а власта тврди дека тоа апсолутно не е возможно, ваквиот исчекор од страна на ЛДП апсолутно е испраќање јасна порака која што е повредување на коалициониот или заедничкиот настап – смета Заев.

Според него, одлуката на ЛПД дава причини новинарите, како и народот да се запрашаат – колку и која е вистината за тоа парламентарното мнозинство.

– Јас тврдам дека имаме одлична соработка. Јас тврдам дека воопшто не е потребно тоа токму сега да го направат, можело да се почека 15 дена, месец дена, кога ваквата актуелност на темата ќе помине, но сепак ЛДП е друга политичка партија, тие си имаат свои органи и тела на одлучување. Јас синоќа искомуницирав преку генералниот секретар на СДСМ дека ова го сметам за удар врз СДСМ. Зошто? Поради тоа што не вистински временски одмерено тоа да се случи, инаку целосно е нивно право и тоа го почитувам. Јас верувам дека постои парламентарното мнозинство и дека во многу брзо време ќе го докажеме, ако не и повеќе од тоа што го имаме, односно повеќе од 62 пратеника – изјави Заев.

Иако Заев ова го толкува како удар врз СДСМ, сепак тој е уверен дека сите 62 пратеници од мнозинството ако ги прашаат дали ќе има ново мнозинство, ќе кажат, како што вели тој, дека Христијан Мицкоски лаже.

Висок функционер од СДСМ за Плусинфо вели дека никој од мнозинството нема да ја напушти коалицијата.

– Не гледам ниту еден дека има намера да ја напушти коалицијата, ниту пак има некои такви отворени прашања за да бидат причина за некој да го напушти мнозинството. Но, секако, гледам сериозни изгледи да се приклучат пратеници на мнозинството и тоа да порасне – вели функционерот.

Таква можност во интервју за телевизијата Голбал најави и Касами, лидерот на Беса, која е дел од власта.

– Ние разговараме со најмалку двајца пратеници од албанскиот опозициски блок, кои се подготвени да преминат во парламентарното мнозинство, каде исто така ќе ги следат политиките на Движењето Беса и ќе бидат дел од Беса – изјави Касами.

Но, наспроти тврдењата на Заев и Касами, од опозицијата упорно најавуваат дека се ближи денот на преземање на мнозинството. Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски вчера дури прецизираше тајминг кога ќе ја преземат власта.КК

– Крајот на иницијативата за собирање потписи за поништување на Законот за попис може да значи и официјален старт на соработката на новото мнозинство во Собранието.Тоа што ќе имаме бројка многу повисока од првично проектираните 100.000 потписи против Законот за попис ќе е моментот којшто ќе ја прекрши политичката сцена во Македонија. Односно, голем дел пратеници коишто сега се дел од владеачкото мнозинство кога ќе видат дека над 100.000 луѓе застанале зад оваа иницијатива, а истите тие пратеници ќе треба да застанат пред нив, тогаш ќе ја напуштат владата – рече вчера Николоски.

Од опозициската коалиција Алијанса за Албанците и Алтернатива негираат дека нивни пратеници е можно да го засилат владеачкото мнозинство. Информациите се дека наводно пратеници од Алтернатива може да прејдат во Беса, бидејќи и онака претходно биле една партија. Висок функционер од Алтернатива за Плусинфо само кусо изјави дека „Касами бесрамно лаже“. Од Алијанса негираат какви било прелети на нивни пратеници во власта. Од таму велат дека изјавата на Касами не заслужува коментар, дека коалицијата со Алтернатива е стабилна и дека функционираат хомогено.

 

Поврзани содржини