ЕНОРМЕН И НЕСРАЗМЕРЕН РАСТ НА НАДОМЕСТОЦИТЕ Од АСОМ целосно го отфрлаат новиот предлог Закон за игри на среќа
Од Асоцијацијата велат дека според нивни информации овој закон содржи регулативи кои со сигурност значат згаснување на една цела легална гранка и цут на сивата економија.
Иако Владата повеќе од 10 дена го крие Законот за игри на среќа, циркулираат информации кои откриваат дека овој закон содржи регулативи кои со сигурност значат згаснување на една цела легална гранка и цут на сивата економија. Во штетниот закон кој предвидува дислокација на објектите и значи оставање на улица на 10.000 вработени, се предвидени и законски измени во делот на издавање на лиценци, за кои АСОМ посочува дека може предизвикаат сериозни проблеми, реагираат од АСОМ.
– Најостро ќе реагираме на евентуални предлози и измени во Законот кои согласно нашите искуства од претходните законски решенија имаат можност да задираат во веќе постоечки лиценци. Врз база на овие лиценци, приредувачите на игри на среќа ги изработиле своите пресметки и финансиски планови. Сакаме да потенцираме дека лиценците имаат точен рок на траење и било каков упад во наметнати давачки за време на траењето на лиценцата е противуставно и надвор од секоја логика и европска пракса – потенцираат од АСОМ.
Од Асоцијацијата исто така предупредуваат дека промените може да имплицираат правни постапки за оштета и заштита на правата на приредувачите кои работат според лиценци со однапред поставени услови. Тие нагласуваат дека секоја промена во Закон, особено во делот на финансиски импликации, мора да започнува со истек на старата лиценца, односно со почеток на новата лиценца. Како неприфатливи ги карактеризираат и најавите за зголемени давачки.
– Категорично одбиваме да прифатиме и промени и решенија каде посебните давачки и надоместоци се зголемуваат енормно и несразмерно, а со тоа и директно се рефлектираат на економската одржливост на нашиот бизнис. Согласно објавените информации, со новите законски измени се зголемува надоместокот за издавање на лиценца за обложувалница на 200.000 евра, додека за секое следно уплатно-исплатно место, приредувачот плаќа надоместок во износ од 10.000 евра – велат од АСОМ.
Во предложените измени, исто така се посочува на потребата од зајакнување на доказите потребни за издавање на лиценци, како и прецизирање на тоа дека едно трговско друштво со една лиценца, приредува еден вид на игра на среќа, што сериозно ја отежнува работата на индустријата.
Од АСОМ предупредуваат дека најавените законски регулативи значат враќање во деведесеттите, каде дивите игри на среќа организирани по подруми и нелегални објекти ќе бидат секојдневие. Со згаснување на индустријата на игри на среќа, сериозна штета ќе претрпи и државната каса, односно ќе остане без 250 милиони евра годишно во буџетот.