Енигмата национален идентитет

Марта Кос може шармантно да зборува за пиперки и грав, бидејќи се наоѓа во привилегираната положба на членка на ЕУ, во која нејзиниот национален идентитет е заштитен.

147

Тоа што на викендов бев во мојот омилен турски дуќан за зеленчук да купам зелени пиперки за пинџур, исти како македонските, нема никаква врска со стереотипните асоцијации на една еврокомесарка за македонскиот национален идентитет, туку од потребата да ги зготвам презреаните домати. На касата му открив на љубезниот млад продавач дека сум родена во Македонија и дека многу зборови за зеленчукот, но и за јадењата во македонскиот јазик имаат турски имиња, понекогаш само малку видоизменети. Така тој рече бибер, а јас пиперки. Потоа му кажав за леблебијата, за патлиџаните, за бурекот, а на крај ја спомнав и ладната боза, веројатно затоа што во саботата беше неверојатно топол ден во Келн. Секако, и овој млад Турчин, кој според извонредниот германски сигурно беше роден во Германија, ја знаеше Македонија. Затоа што како и многу други Турци, со кои сум зборувала досега на таа тема, и тој очигледно ги гледал омилените телевизиски серии во Турција за османлиската Македонија. Од некои дознав дека тие серии за Македонија биле многу омилени кај оние Турци чии предци некогаш живееле во Македонија. Секако, го потсетив дека Кемал Ататурк бил роден во Солун, а посетувал воена академија во Битола. И тоа тој добро го знаеше. Заклучивме дека и во Турција и во  Македонија исто го нарекуваме зеленчукот од кој готвиме пинџур и ѓувеч, пишува Кица Колбе во колумна за Дојче веле.

Чувство на припадност






Притоа ми стана јасно зошто нема право Марта Кос. Бидејќи тоа што мене ме прави Македонка, а младиот германски Турчин, Турчин, не е тоа што имаме  идентичен кулинарски „идентитет”. Toa e нешто што само тој го познава, само јас го познавам најдобро, а другите често го доживуваат како недофатливост, како тајна. Затоа што нацијата не е биолошка категорија, но нешто многу живо. Таа го отсликува духовното искуство и сеќавање, симболите и посебното чувство за себе, и за многу други нешта, кои ги доживеал еден народ или една заедница. Затоа за тие што не го делеле тоа колективно искуство и сеќавање, туѓата националност навистина често останува таинствена. Можеби тоа е таа необјаснива привлечност на посебностите на националните култури, кога кон нив се однесуваме со восхит и прифаќање.

Ова, пак, значи дека тоа што денес лежерно се редуцира во бриселскиот бирократски жаргон на поимот „идентитет” е многу повеќе од тоа по што сме познати во светот според туризмот и кујната. Тие нешта се дел од нашата традиција, но не ја изразуваат посебноста на чувството на припадност во кое се препознаваме. А националниот идентитет значи токму тоа – препознавање на нешто како еднакво со својата слика за себе, како роднинско и блиско. Се разбира, тоа чувство на припадност се формира низ многубројни процеси во секоја национална култура и образование. Затоа, пред да зборуваме за македонскиот пинџур, треба да сме сигурни дека соговорникот знае што е посебноста на Македонците, што е нивниот национален идентитет. Не кулинарски, не културен, не туристички, туку национален идентитет. А првиот услов на таа посебност е јазикот на кој зборуваме – мајчиниот јазик. Треба да сме сигурни дека кога ќе кажеме Македонци, соговорникот знае дека тие не се ниту Бугари, ниту Грци и ниту Срби, како што тие порано биле прикажувани во националните наративи на овие народи.

Негација на македонскиот национален идентитет

Меѓутоа токму таа посебност на македонскиот национален идентитет во овој миг ја негира анахроната бугарска политика. Не е утеха увереноста на многу македонски леви интелектуалци дека националниот идентитет нема повеќе значење, па затоа било релаксирачки да зборуваме за  идентитетот на пиперките.  Се разбира, карикирам за да се разбере парадоксалноста на ситуацијата кога вие чекате разбирање од претставничка на исто толку мал народ како македонскиот, кој исто долго немал своја национална држава, а таа ви раскажува за кулинарство. Секако, секој од нас има право да смета дека за него нацијата нема значење. Но тој може да го практикува тоа само кога таа не е негирана од друг, особено од позиција на моќ. Особено кога се работи за малечка многуетничка држава како македонската, од голема важност е другите да се запознаени со особеноста на македонскиот национален идентитет. Впрочем, тој еден ден треба да стане  дел од заедничкиот европски идентитет на ЕУ.  Кога Македонците ќе бидат ЕУ-граѓани, тогаш и тие лежерно ќе зборуваат за пиперки, а ќе мислат на националниот идентитет. Како што Марта Кос може шармантно да зборува за пиперки и грав, бидејќи се наоѓа во привилегираната положба на членка на  ЕУ,  во која нејзиниот национален идентитет е заштитен. Никој нема да се осмели да и‘ рече дека Словенците до 1918 биле Австријци, бидејќи биле поданици на австроунгарското царство, како што тврди актуелната бугарска политика за Македонците. Тогаш бездруго и таа нема да се согласи дека словенечкиот идентитет се кнедлите и штрудлите кои, патем, се омилени јадења и кај Австријците и кај Германците.

Главен проблем – „македонизмот”

За да биде иронијата уште поголема, само ден по нејзината изјава еден висок бугарски политичар изјави дека  главниот проблем за Бугарија е „македонизмот”.  Тој политичар  не се крие зад неутралната флоскула „идентитет”,  туку јасно назначува дека се работи за „македонизмот”. Патем, поимот „македонизам” е навредлив за Македонците, затоа што сугерира дека не се работи за вистинска национална припадност, туку за политичка идеологија и пропаганда. А нашата македонска националност е посебноста по која светот не‘ препознава како Македонци. Нацијата е секогаш поврзана со национална држава, независно дали таа е мултиетничка или моноетничка. Националниот идентитет или нацијата се обликуваат во целост само во националната држава. Затоа и македонскиот национален идентитет во минатото не можеше целосно да се манифестира без заштитата што ја нуди сопствената национална држава. Кога формира своја национална држава, секој народ самиот одлучува кои настани и личности од колективното историско паметење ги смета како важни за својата национална парадигма, а кои за неважни. Токму затоа е реакционерно и опасно за стабилноста на ЕУ кога политичари на земји-членки, како  Бугарија,  застапуваат тези за македонската нација кои се многу слични на рускиот културен империјализам, според кој не постојат Украинци затоа што пред создавањето на државата Украина, во Советскиот Сојуз, тие биле Руси. Како и Македонците, и Украинците можеле целосно да ја остварат својата посебност на јазикот и културата само во сопствената национална држава.

Многу леви македонски интелектуалци националниот идентитет го асоцираат со ретроградност и национализам. Меѓутоа, токму Алајда Асман, најпознатата германска теоретичарка на „културното паметење”, уште пред неколку години укажа на опасноста, во таква констелација, „нацијата да им се препушти на националистите”. Таа опасност произлезе од тоа што долго време модерното толкување на колективното паметење ја сметаше нацијата како надминат поим. Притоа, Алајда Асман истакнува дека ние сите и денес живееме во посебни нации и дека досега не е најдена замена за нацијата. Многу значајно за македонската интелектуална клима е нејзиното укажување дека кога размислуваме за нацијата треба секогаш да знаеме дека се работи за искуства и за чувства. Односот кон нацијата зависи од тоа што таа искусила во минатото. Според Асман, тоа што многу германски интелектуалци се откажаа од поимот нација, има врска со историското сеќавање на Третиот Рајх. Што значи, размислувањето, но и стравовите на Македонците кога се работи за нивната националност, во голема мера зависат од македонското историско сеќавање на асимилацијата во минатото од различни хегемонијални центри. Сите знаеме дека жестоките политики на асимилација се дел од секое македонско фамилијарно паметење.

Згора на тоа, кога ќе прочитате дека Македонците кои добиваат бугарско државјанство денес мораат да потпишат изјава според која нивните предци биле Бугари, секако дека неминовно се прашувате какви средства на асимилација се применувани врз Македонците во времето кога тие немаа национална држава. Кога ќе прочитате дека бугарската држава на кандидатите за бугарско државјанство им издава една иста „службена адреса”, на која се регистрирани 40.000 луѓе, тогаш неминовно се прашувате дали таквата државна „берза на идентитети” е во духот на ЕУ. За жал, дискусиите за изјавата на Марта Кос уште еднаш ја покажаа и трагичната поларизираност дури и на македонската интелектуална јавност. Кај многу македонски интелектуалци веднаш се препознава партиската пристрасност. Тие што се блиски на социјалдемократите, во изјавата на Кос гледаа постколонијално ослободување од поимите нација и националност, а блиските на конзервативните „патриотски” партии во неа добија уште еден доказ „дека ЕУ не не‘ сака”. Ваквата жестока поларизираност на интелектуалната јавност во Македнија не дозволува толерантна расправа во која со студена глава и со критичка мисла би се согледале можностите за надминување на кризата.

Поврзани содржини