Ќенефот Македонија

22,076

Во четврто одделение беше, ако не се лажам, кога на час по српскохрватски јазик, добивме задача сите да смислиме по еден збор што почнува со буквата „ќ“. И така, кој „ќуп“ кој „ќускија“, дојде редот и јас да го кажам својот избор. „Ќенеф, наставничке!“ Жената ме погледна збунето и на милозвучен српски јазик, праша: „А шта је то ќенеф, Браниславе?“

Сите се изнасмеавме, бидејќи во она време, пред речиси половина век, во скопската населба Лисиче, повеќето од децата живеевме во бараки со дворови во кои ќенефот беше задолжителен дел од она што денес се нарекува урбана опрема. А она, замислете, не е знајала шта је то ќенеф! Нејсе, под претпоставка дека и меѓу вас, почитувани читатели, има такви што не знаат што е тоа ќенеф (одамна мина времето на ќенефите), да објаснам: ќенеф е нужник, ама не баш ваков каков што го знаеме денес и што го нарекуваме ве-це или тоалет, туку обичен полски нужник, ископана дупка во која се празниме, а над која е подигната импровизиран објект од ковани штици или керпич, што ја штити нашата интима.






Македонија денес, пред почетокот на летната туристичка сезона, во време кога земјите од Европа и од Балканот, чекор по чекор, ги отвораат границите и овозможуваат слободен проток на луѓе, наликува токму на еден таков ќенеф. Однадвор дрвени и шарени картонски кулиси, кои сугерираат лажна слика дека она што се случува внатре е менаџирано и организирано барем на елементарно ниво, а одвнатре базди неподнослива реа, која открива дека ситуацијата во ќенефот е експлозивна и е надвор од секаква контрола, ни кофа вода ни стари весници нема барем малку да ни го скријат срамот!

Земја во карантин

Пандемијата на ковид-19 никаде во светот не е целосно совладана и затоа сè уште постојат извесни ограничувања за патувањата, кои посебно важат за земјите во кои епидемиолошката ситуација е полоша. Едно од тие ограничувања, на пример, е да се поседува задолжителен негативен ПЦР-тест, како своевиден дополнителен пасош. Како гранична вредност што укажува дека ситуацијата во една земја е под контрола се смета бројката од 25 активни случаи на 100.000 жители. Сè што е под таа бројка наликува на еден убав, добро уреден и беспрекорно чист, европски нужник, кој ја врши базичната функција на секое але (еве, да научите уште еден архаизам, але – синоним за нужник), но има и прописен одвод и опрема која ни овозможува да одржиме максимална хигиена на сензитивната операција и да се чувствуваме пријатно. Обратно, сè над таа гранична вредност „потсмрдува“, а некаде и базди на голема опасност.

Мал е бројот на европските земји во кои бројките се толку трагични, што за граѓаните кои доаѓаат од тие земји мора да се воведуваат драконски ограничувања. Такви неславни исклучоци, на пример, се Русија и Белорусија. За жал, Македонија денес е токму таков исклучок! Судејќи според последната бројката на луѓе во изолација, вториот бран вo Македонија ќе потрае уште најмалку две недели. Тоа, пак, значи дека уште долго време ќе бидеме најизолираната европска земја, поради исклучително лошата епидемиолошка слика и поради неспособноста на здравствените власти да ја контролираат ситуацијата.

Бугарија и Словенија веќе воведоа 14-дневен задолжителен карантин за македонските државјани кои влегуваат во тие земји. Во Словенија карантинот важи и за државјаните на сите други земји коишто доаѓаат од Македонија. Црна Гора одамна нè стави на „црната листа“ на земји, во кои има повеќе од 25 активни случаи на 100.000 жители. Прашање е сега како ќе постапи соседна Грција, која претходно најави отворени граници без посебни ограничувања и за нашите граѓани, од 15 јуни. Многу брзо Атина ќе ја соопшти дефинитивната одлука. Ќе бидеме пресреќни ако ни биде овозможен влез во Грција со негативен ПЦР-тест, а отворената граница без ограничувања за нас ќе биде рамна на бинго и еден исклучително пријателски гест од Грците.

Најстрашно од сè е сепак што не се знае дали ситуацијата кога имаме повеќе од 60 активни случаи на 100.000 жители дозволува македонските власти да се осмелат да ги отворат нашите граници. Ако тоа не биде можно, апелирам барем да се отвори зелен коридор на магистралниот правец од Табановце до Гевгелија, кој ќе им овозможи на странските туристи транзитно да патуваат низ Македонија. Ако веќе ние не можеме да патуваме и да се почувствуваме како нормални луѓе ова лето, нема причина тоа да им го забраниме на нашите соседи и на сите намерници од европските земји.

„Форбс“ наспроти лагите на пропагандата на СДСМ

Не можеме, драги другарчиња, да не го поставиме прашањето како се доведовме во ситуација Македонија денес да стане изолирана земја, еден огромен и усмрден ќенеф. Сите вие мора да соберете смелост да се соочите со вистината, зашто само соочувањето со неа може да доведе и до клучното прашање на одговорноста. Македонија очајно лошо се справува со коронакризата и некој за тоа мора да одговара. За тоа, извинете, но дискасити, што би рекол другарот Заев!

Наспроти секојдневните лаги на пропагандата на СДСМ, објективните посматрачи ја откриваат вистината за ќенефот Македонија. Непристрасниот „Форбс“, на пример, пред некој ден објави листа која покажува кои земји се најбезбедни во време на пандемијата. Листата не е направена врз основа на тирадите на Зоран Заев, на Венко Филипче и на „цврстиот ко куче“ и арогантен д-р Жарко Караџоски, туку врз основа на 130 објективни параметри, меѓу кои се и ефикасноста на спроведените мерки, откривањето на заразените и бројот на тестирањата, ефикасноста на здравствениот систем и спремноста на владите во борбата против заразата.

На листата на 100 најбезбедни земји води Швајцарија, пред Германија, Израел, Сингапур, Јапонија, Австралија и Кина. Од нашиот регион, подобри од нас се Словенија, Хрватска, Грција, Бугарија, Црна Гора, Србија и Албанија, сите позиционирани меѓу 34. и 88. место. Целиот регион подобро се справува со коронакризата од нас. Како куриозитет, анализата на „Форбс“ покажува дека подобри од нас се и земји како Русија, но и Лаос, Камбоџа, Парагвај и Бангладеш.

А каде е Македонија на оваа листа? На срамното 103. место!

Епидемиолошката ситуација во земјава во овој момент е толку лоша што освен што претставува закана за самата себе, Македонија е закана и за целиот регион, па и пошироко. Тоа е причината поради која некои и традиционално пријателски земји на Македонија се принудени да воведуваат строги рестриктивни мерки за граѓаните кои кај нив доаѓаат од нашата земја. Пријателството си е пријателство, но секоја одговорна влада чувствува обврска да ги заштити своите граѓани од неодговорното поведение на институциите и на властите во Македонија. Тоа е сосема легитимно и тука причини за лутење нема.

Апсолутни лузери во битката со коронакризата

Го читам најновиот слоган на малоумната пропаганда на власта („Сега е моментот, за да успееме мора да почитуваме!“) и уште еднаш се уверувам дека Заев и другарчињата ама баш ништо не разбрале и затоа се апсолутни лузери во битката со коронакризата. Другарчињата не сфаќаат дека одамна замина моментот кога требаше да се сепнат и да обезбедат и подобри стратегии и мерки и секако, почитување на мерките. Безочно лажеа и лажат дека ситуацијата ја држат под контрола. Обвинуваа невини членови на СДСМ за ширење на заразата (кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски, на пример), а во партискиот врв си имаа кластер. Викендов што измина одлучија во карантин да го стават цело Скопје – а Скопје е половина Македонија! – но при тоа целата партија кидна од метрополата. Сега лузерите планираат нова бесмислена мерка, полициски час во Скопје и во неколку други градови од 22 часот до 05 часот. Мерка без логика, без смисла, без ефекти… Будали!

Не велам дека немаме јунаци во битката против пандемијата, покрај лекарите кои секојдневно ги ризикуваат своите животи тестирајќи и лекувајќи ги заболените, на кои сите сме им благодарни. Имаме ние и други јунаци во битката против изолацијата на Македонија. За пример, ќе спомнам само два такви лика.

Едниот е мојот пријател Дончо Нацев, познат туристички работник, кој деновиве вложи несекојдневен напор да однесе група од 24 македонски студенти во Словенија назад во дежелата, безмалку ден пред воведувањето на карантинот, за тие да полагаат испити и да не изгубат година. Наместо „благодарам“, Дончо и неговата „Арбо турс“ беа изложени на критика во дел од медиумите. Му велам, Дончо бе, не се нервирај, си спасил 24 златни деца, ќе го продолжат студирањето и ќе се спасат од овој наш лајнарник…

Вториот лик го познавам само од Фејсбук. Тоа е македонскиот конзул во Софија, Александар Панев. Кој како дошол во Македонија од Софија, зборува сè најдобро за овој човек, за неговата посветеност, за неговите напори да му помогне на секого во неволја. И тоа во ситуација кога најголем број од нашите граѓани од светот се враќаат токму преку аеродромот во Софија и преку граничниот премин Деве Баир. Не сум имал прилика да го слушнам, па еве, на него му честитам јавно – секоја чест, пријателе!

Има многу такви позитивни ликови, многу знајни и незнајни борци Македонија да се спаси и да не биде окована и изолирана како никогаш досега во својата историја. За жал, нивниот труд како никој да не го цени. Сега на цена се пропагандистите, авторите на слоганите, цртачите на банери, авторите на пропагандните прилози на телевизиите, политичарите и нивните недугави изјави, како и логореичниот шеф на нашата „славна“ Комисијата за заразни болести, кој не чувствува одговорност зашто, како што вели, се уште нема убиено никого … Нормално, во ќенефот најголем впечаток остава оној што најгласно прди!

И затоа, изолорани од целиот нормален свет околу нас, ќе го дочекаме ние ова тажно лето. Над 100.000 од нас со ваучери од 6.000 денари во џебот ќе ја шират заразата во Охрид, во Дојран, во Преспа… Ќе глумиме туризам. После секој викенд со „скопјанишчана“, Охрид ќе се дезинфицира. Ќе се отсмрдува. И ќе је брои ситната заработувачка. Ќе ги шириме и конфликтноста и нетрпеливоста меѓу нас. Претстојат избори во јули, а во овој усмрден ќенеф нема ништо поважно од изборите и од тоа кој ќе ја освои власта, зашто власта значи моќ, тендери, корупција, неказнет криминал, пари, многу пари и една бескрајна распрденост. Затоа ова лето ќе нè зафати и епидемија на етничка дијареа и на политичка опстипација. Бидејќе овие две појави меѓусебно се контрадикторни, очекувам ќенефот Македонија ова лето буквално да биде пред експлозија.

Што беше тоа морална одговорност?

Она што најмногу ме разочарува, почитувани читатели, е отсуството на чувство на морална одговорност кај било кој човек во оваа земја кој има надлежност, овластувања и моќ да носи одлуки. Просто е неверојатно како тоа никој да не се почувствува одговорен за оваа катастрофална ситуација. Деновиве, во пријателска дискусија, ми беа поставени вакви прашања: за што е одговорен конкретно Филипче, што ќе се постигне ако тој поднесе оставка, дали имаме подобар од него? Мојот одговор е следниов: од секого има подобар па и од Филипче; тој е политички одговорен за состојбите во здравството во земјата; евентуалната оставка на министерот (што јас никогаш досега не сум ја побарал) би била доживеана како морален гест, па дури и како чин на протест на еден добар лекар, доколку во спроведувањето на она што го наумил се соочува со отпори. За жал, Филипче е конформист…

За да зборуваме за морална одговорност, треба да зборуваме за две нешта коишто во ќенефот Македонија ги нема.

Прво, треба да зборуваме за доживувањето на политичката функција првенствено како морална обврска да се даде сè од себе за доброто на нацијата. Луѓето кои така ја доживуваат функцијата, размислуваат на следниот начин – ако не сум во состојба да ја исполнам својата обврска, ако и покај сите мои напори резултати нема, не постои ниту една друга причина да останам на функцијата на која сум избран или поставен, си одам и нека дојде некој подобар од мене. Никој во Македонија така не размислува. Секој во Македонија за себе смета дека е најдобар. Д-р Жарко Караџоски јавно кажа дека ќе се смета за одговорен за коронакризата само тогаш кога ќе убие некого. Каква невидена ароганција и самобендисаност!

И второ, во врвовите на власта, едноставно, нема луѓе со високи морални доблести. Да имаше, после една ваква голема народна несреќа, после толку неуспеси, после толку мртви, ќе се најдеше барем еден нормален човек да рече: не, јас ова не можам да го гледам и да го трпам, збогум!

И? Што сега?

Шта је то ќенеф, Браниславе? Е па ова е ќенеф, наставничке. Нè бутнаа во овој ќенеф наречен „нова нормалност“, ни прдат и ни смрдат над главите и одозгора на тога, се обидуваат врз нас да ја фрлат вината. Идиоти! Ние сме систематски уништени од идиоти, наставничке.

 

Поврзани содржини