ЕМОТИВНА ИСПОВЕД НА УКРАИНСКАТА ТЕНИСЕРКА Елина Свитолина се разведува од Гаел Монфис по пет години брак

Украинската тенисерка Елина Свитолина објави дека се разделува од францускиот тенисер Гаел Монфис, откривајќи дека војната во нејзината татковина оставила длабоки емоционални последици врз неа.

12

Украинската тенисерка Елина Свитолина и францускиот тенисер Гаел Монфис, кои се венчаа во 2021 година, се разделуваат по пет години брак. Свитолина веста ја соопшти преку емотивна објава на социјалните мрежи, во која за првпат подетално проговори за личната борба низ која минувала.

– Ова е најтешкото нешто што некогаш сум морала да го споделам – пишува таа.






Тенисерката објасни дека многумина знаат колку ѝ значи Украина, но дека ретко зборувала за тоа што војната ѝ направила однатре. Минатата година, како што потсети, морала да се повлече од тениските терени бидејќи не била во добра емоционална состојба.

– Она што не го видовте беа непроспиените ноќи, сомнежите и чувството дека полека се губам себеси – напиша Свитолина.

Таа откри дека Монфис бил сведок на сето тоа и дека долго време заедно се обидувале да ги надминат тешкотиите. Сепак, со текот на времето сфатила дека мора повторно да го пронајде сопствениот пат и дека тоа не може да го направи во рамките на бракот.

– Некои битки се водат длабоко во нас и никаква љубов од друга личност не може да ги добие наместо нас – порача тенисерката.

Свитолина нагласи дека Монфис ја почитувал нејзината одлука со разбирање и достоинство што никогаш нема да ги заборави. Таа истакна дека го сака со целото срце и дека заедно изградиле убав живот, во кој најголемиот подарок им е нивната ќерка Скај.

– Скај секогаш ќе биде на прво место. Нашиот брак завршува, но нашето семејство не. Секогаш ќе бидеме нејзини родители, еден покрај друг, во секој чекор од нејзиниот живот – напиша таа.

На крајот, тенисерката посебно нагласи дека нема виновник за разделбата. Според неа, станува збор за двајца луѓе кои длабоко се сакале, но нивната приказна сега добива поинаков облик. Тие побараа разбирање и приватност додека се обидуваат да заздрават од оваа промена.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by SVITO (@elisvitolina)

Елина Свитолина и Гаел Монфис се запознаа во 2019 година, а се венчаа во јули 2021 година во Женева. Нивната ќерка Скај се роди во октомври 2022 година. Покрај љубовната врска, двајцата често привлекуваа внимание и со заедничките настапи и поддршката што си ја даваа во тениските кариери.

Неодамна заедно настапија во мешани двојки на Отвореното првенство на САД, каде што стигнаа до полуфиналето.

Веста за разводот се појави во период кога Монфис ја завршува својата професионална тениска кариера. Четириесетгодишниот Французин претходно најави дека сезоната 2026 ќе му биде последна, а неговото последно учество на гренд-слем турнир беше на Отвореното првенство на САД во септември.

Свитолина, која во моментот на објавата е шеста тенисерка во светот, со својата исповед покажа дека дури и зад успешната спортска кариера и навидум стабилниот семеен живот може да се кријат тешки лични предизвици.

 

 

 

Поврзани содржини