ЕМ СМРЗНАТИ ЕМ ИЗГОРЕНИ Ако немате греење, пишувајте поплаки ама сметки мора да платите
Од БЕГ велат дека се испорачува предвидената температура од 20 плус 1 степен во сите домови.
Жалете се ако радијаторите на парното се млаки или ладни или во краен случај на суд побарајте го своето право. Друга опција е да го промените греењето, но, пак, ќе мора да плаќате за парно бидејќи неколку месеци трае постапката за исклучување и притоа е скапа. Вака некако изгледа сегашната состојба на скопјани кои од почетокот на годинава се жалат на ладни радијатори. Тие, како што велат, на минусни температури имаат ладни простории иако цела година плаќаат парно.
Од БЕГ велат дека се испорачува предвидената температура од 20 плус 1 степен во сите домови.
На опцијата граѓаните кои не се задоволни од парното да се жалат ги подучува Регулаторната комисија за енергетика која вели прво жалете се кај компанијата, а потоа кај нас па ќе го решиме проблемот.
Граѓаните не престануваат да се жалат дека од почетокот на годинава имаат млаки радијатори и на минусни температури се принудени да се смрзнуваат иако плаќаат цела година за греењето.
– Надвор се минусни температурите, а и внатре се исти. Парно имаме како да го немаме. Во ноември лани не можев да ставам рака на радијаторот, а сега кога треба да бидат таков е скоро ладен. Се жалевме, дојдоа рекоа дека е ќе се среди и ништо. Велат сега треба да се жалиме во Регулаторна комисија за енергетика. И додека се жалиме и поминат денови прво да дојдат луѓе да мерат и потоа да одлучат што ќе прават, деновите си врват и ќе дојде лето. Плаќавме цела година и сега сакаме да имаме топол дом, a не да ни ја порамнуваат сметката кога тие ќе решат. Тогаш зошто ни е парно? Станот го плативме поскапо зашто имаше инсталација за парно, но сега ќе треба да мислиме како ќе се грееме следните зими – вели жителка на Центар.
Од БЕГ која снабдува со топлина најголем дел од граѓаните во Скопје велат дека во системот за централно греење со кој управува БЕГ се врши редовна испорака на топлинска енергија.
– Доколку во станот или во деловниот простор има проблем со греењето и внатрешната температура е под 20 степени, потрошувачот треба да го пријави тоа во Центарот за грижа на потрошувачи. По пријавата, стручно лице прави проверка и доколку е констатиран локален дефект, екипите на БЕГ соодветно интервенираат или даваат насоки на потрошувачите да се обратат на сервис за да го отстранат дефектот (ако дефектот е на внатрешната грејна инсталација) – велат од компанијата.
За проблемите со ладните радијатори, од Регулаторната комисија за енергетика ги поучуваат граѓаните да се жалат во компаниите, а потоа и кај неа. Досега до РКЕ се пристигнати 50 индивидуални приговори во однос на квалитетот на испораката на топлинска енергија од потрошувачи на БЕГ.
– Според правилникот за снабдување со топлинска енергија, прва инстанца каде што потрошувачите треба да поднесат приговор доколку не се задоволни од услугата се снабдувачите од каде што екипи мора да излезат на терен и да спроведат мерење, по што се должни да изготват писмен извештај за фактичката состојба и да го достават до потрошувачот, согласно роковите од Правилникот. Доколку потрошувачот не е задоволен од одговорот, во втора инстанца тој може да поднесе приговор до РКЕ. РКЕ има оформено комисија која работи на решавање приговори на потрошувачите. Поради енергетската криза РКЕ веднаш ги става во процедура поплаките кои се доставени до Комисијата и во прва фаза со ургенција бара од БЕГ да излезе на терен и да изврши мерење на фактичката состојба по што бара извештај како постапиле во однос на пријавениот проблем – рекламација од потрошувачот – велат од Регулаторната комисија за енергетика.
Оттаму информираат дека во порамнетите сметки снабдувачот е должен да ја фактурира само потрошената енергија, по пропишаниот квалитет на услуга од правилата за снабдување со топлинска енергија.
Марјан Ненов од „Но пасаран“ вели дека покрај жалбите до компанијата снабдувач со топлина и Регулаторната комисија на граѓаните како опција им е судот и исклучување од парното, доколку се подолг период незадоволни од услугата.
– Но оваа постапка е скоро невозможна. Трае неколку месеци и чини околу 200 евра. Ова не е поради тоа што компаниите снабдувачи со топлинска енергија не сакаат да ги исклучат корисниците кои не сакаат парно, туку законите и правилниците кои ги донесе Регулаторната комисија за енергетика се во заштите на снабдувачот со топлинска енергија, а не на граѓаните. Има законска обврска, на пример, при градба на станови зградата да има приклучок на мрежата на парното, а тоа подразбира дека секој стан ќе мора да се грее на заедничката мрежа, ако не го сака тоа ќе биде принуден со тоа што ќе плаќа паушал кој е висок. Така во нови згради се случува прво да им биде пуштено пробно парно, а потоа на сите станари да им се пушти фактура без да потпишат договор со некој од снабдувачите со топлина. Тоа е повреда на правото на граѓаните, но Регулаторната комисија во вакви случаи не реагира – вели Ненов.
Според него, само на суд може да се добие остварување на правото да се исклучи едно домаќинство од парно.
– Сега судовите веќе ги имаат обрасците и од Стразбур во корист на граѓаните кои се исклучуваат и имаат поголемо разбирање на проблематиката. Но поради лошите правилници кои неколку пати се менуваа и околу 7.000 претходно исклучени корисници не успеаја да се ослободат од плаќање паушал – вели тој.
Правото на граѓаните кои цела година плаќаат парно да бидат затоплени и ако не се задоволни да се жалат или да се исклучат од парното е регулирано со правилата за снабдување со топлинска енергија донесени од Регулаторната комисија за енергетика.
Според членот 47 од овие правила, во текот на грејната сезона снабдувачот има обврска да обезбеди минимална температура од 20+1º C во грејните простории во времето од 6.00 до 22.00 часот во текот на денот при потполно отворени радијаторски вентили. Притоа, снабдувачот го гарантира договорениот квалитет за испорака на топлинска енергија единствено во објекти во кои внатрешната грејна инсталација е технички и функционално исправна и во кои не е нарушен енергетскиот биланс.
Во Правилникот се уредува и прашањето на греење при екстремно ниски температури.
„При ниски надворешни температури на воздухот снабдувачот може да го продолжи периодот на греење со цел заштита на енергетските објекти на системот за далечинско греење и постигнување на пропишаната температура во внатрешните простории, а притоа рационално да се однесува кон потрошувачката на енергијата“, се вели во правилата за снабдување со топлинска енергија.
Членовите 54 и 55, од истиот правилник, пак, го уредуваат правото на исклучување од системот и условите и критериумите под кои тоа може да се направи.
Членот 54 гласи:
Во станбени, станбено-деловни, деловно-станбени и деловни објекти каде распределбата на надоместокот се врши преку еден мерен уред на влез во топлинска потстаница може да се врши поединечно исклучување на посебен дел од објектот по барање на сопственикот доколку се исполнети следните услови и постапка:
- сопственикот на посебниот дел од објектот којшто бара да се исклучи е потребно да обезбеди писмена согласност за исклучување од системот за топлинска енергија од мнозинство од вкупниот број сопственици на посебни делови од објектот,
- по добивање на писмената согласност од став (1), точка 1) од овој член, сопственикот на посебниот дел од објектот којшто бара да се исклучи е потребно да изготви елаборат за енергетска ефикасност, со кој се потврдува дека алтернативниот систем за греење којшто ќе се користи по исклучувањето е енергетски поефикасен, еколошки поприфатлив и значително го намалува користењето на примарна енергија потребна за испорака на единица топлинска енергија во споредба со системот за централно греење, земајќи ја предвид енергијата потребна за екстракција, конверзија, транспорт и дистрибуција,
- барателот ангажира инженер со овластување за проектирање од областа на енергетската ефикасност за изготвување на елаборатот за енергетска ефикасност,
- барателот му го доставува на снабдувачот елаборатот за енергетска ефикасност со барање за негово одобрување и реализирање. Доколку снабдувачот го одбие барањето, потрошувачот има право да поднесе приговор до Регулаторната комисија за енергетика,
- барателот пристапува кон изведба на работите во елаборатот за енергетска ефикасност по добиеното одобрување од снабдувачот,
- барателот ангажира енергетски контролор којшто ќе потврди дека изведениот систем за греење е реализиран согласно елаборатот за енергетска ефикасност, по завршување на изведбата,
- барателот по писмен пат го информира снабдувачот за спроведената постапка за исклучување од системот за централно греење и ја приложува целокупната документација од спроведената постапка,
- снабдувачот по писмен пат го информира барателот дали го прифатил неговото барање за исклучување од системот за дистрибуција на топлинска енергија,
- доколку снабдувачот не го прифати барањето за исклучување, потрошувачот има право да поднесе приговор до Регулаторната комисија за енергетика.
(2) Сопственикот на посебен дел во станбени, станбено-деловни, деловно-станбени и деловни објекти каде распределбата на надоместокот се врши преку еден мерен уред, а во којшто сопственикот не живее или не го користи за деловни потреби, има обврска да го плаќа надоместокот за ангажирана топлинска моќност (фиксен дел) од надоместокот за топлинска енергија, кој се определува согласно Тарифниот систем за продажба на топлинска енергија.
(3) Сопственикот кој живее или го користи објектот од став (2) од овој член, а кој е исклучен од системот за централно греење, е обврзан тоа да го докаже со приложување на валиден документ (лична карта и имотен лист), и нема обврска да го плаќа надоместокот за ангажирана топлинска моќност (фиксен дел) од надоместокот за топлинска енергија, кој се определува согласно тарифниот систем за продажба на топлинска енергија.
Членот 55 гласи:
(1) Потрошувачот којшто живее во индивидуален објект и кој од кои било причини не сака да користи топлинска енергија може да се исклучи од системот за дистрибуција без спроведување на постапката од член 54 од овие правила. (
2) Потрошувачот од став (1) од овој член има обврска да го одјави користењето на топлинска енергија, со писмено барање (образец) за исклучување насловено до снабдувачот. (
3) Потрошувачот од став (1) од овој член е прописно исклучен кога грејната инсталација е физички одвоена од системот за дистрибуција и пломбирана.
(4) Исклучување и приклучување на затоплуваниот простор на потрошувачот може да се изврши во кое било време, по барање на потрошувачот во рок не подолг од 30 дена од поднесување на барањето.
(5) По барањето на потрошувачот од став (3) на овој член, снабдувачот е должен да постапи по барањето, а доколку снабдувачот не го испочитува крајниот рок, потрошувачот нема да биде задолжуван за периодот во кој се греел по вина на снабдувачот.