ЕЛОН МАСК ЈА САБОТИРАЛ УКРАИНСКАТА ОФАНЗИВА НА КРИМ ВО СТРАВ ОД ТРЕТА СВЕТСКА ВОЈНА!? Го прекинал сателитскиот интернет за Украинците во клучен момент
Одлуката на Маск, која ги поттикна Украинците да го молат да го врати Старлинк, била резултат на неговите огромни стравувања дека Русија ќе одговори на нападот на Крим со нуклеарно оружје, пишува неговиот биограф.
Извршниот директор на производителот Тесла и на приватната компанија за истражување на вселената Спејс-икс (SpaceX) Илон Маск тајно им наредил на своите инженери да го исклучат сателитскиот комуникациски систем Старлинк (Starlink) над брегот на Крим минатата година за да го попречи украинскиот напад врз руската поморска флота, тврди авторот Волтер Исаксон во новата биографија на Маск, која треба да излеза наскоро – објави Си-ен-ен.
– Додека украинските подводни дронови со експлозив се приближуваа до руската флота, тие ја изгубија „врската“ и само безопасно „одлетаа“ – пишува Исаксон.
Одлуката на Маск, која ги поттикна Украинците да го молат да го врати Старлинк, била резултат на неговите огромни стравувања дека Русија ќе одговори на нападот на Крим со нуклеарно оружје.
„Тој се плашеше од тоа откако разговараше со високи руски функционери“, пишува Исаксон, чија книга ќе се најде во продажба следната недела.
– Како јас се најдов во оваа војна? Намерата не беше да се користи Старлинк за војна, туку луѓето да можат да гледаат Нетфликс, да посетуваат онлајн часови и да прават мирољубиви работи. А не да вршат напади со дронови – рекол Маск, пренесува Си-Ен-Ен.
Маск подоцна разговарал со советникот за национална безбедност на претседателот Џо Бајден, Џејк Саливан, со претседателот на заедничките началници, генералот Марк Мили и со рускиот амбасадор во САД за да им ја пренесе својата загриженост, пишува Исаксон.
Во меѓувреме, Михаило Федоров, заменик-премиер на Украина, го убедувал Маск да ја врати конекцијата за подводните дронови, и притоа му ги опишувал нивните технички можности во СМС порака, според Исаксон. „Сакам само вие – личноста која го менува светот преку технологијата – да го знаете ова“, му напишал Федоров на Маск.

Маск одговорил дека е импресиониран од дизајнот и можностите на подморските беспилотни летала, но дека нема да ја врати сателитската конекција за Крим бидејќи Украина „сега оди предалеку и ризикува стратешки пораз“, пишува биографот Исаксон.
Чудната ситуација во која се најдоа украинските и американските функционери – да се потпираат на добрата воља на приватна фирма на непредвидлив милијардер за да обезбедат комуникациски врски на бојното поле – исто така доведе до ќор-сокак околу тоа кој ќе ја плати сметката за користење на терминалите на Старлинк.
Според Маск, Спејс-икс потрошил десетици милионидолари свои пари испраќајќи ја сателитската опрема во Украина. И компанијата му рекла на Пентагон дека нема да продолжи да ја плаќа сметката за сателитската опрема, но откако оваа информација се појави во јавноста, плашејќи се од реакциите, Маск го смени курсот и на Твитер објави: „По ѓаволите… ќе продолжиме да им обезбедуваме сателистски интернет на Украинците бесплатно“.