Елмас: Воопшто не стравувам од предизвикот, подготвени сме за Европското првенство
Свесни сме што нè очекува на Европското првенство. Подготвени сме за натпревари со силен интензитет - изјави Елмас.
Еден од најдобрите фудбалери во македонската репрезентација, Елиф Елмас, не стравува од предизвикот – Европско првенство.
– Свесни сме што нè очекува на Европското првенство. Подготвени сме за натпревари со силен интензитет – изјави Елмас.
Членот на Наполи не го крие задоволството што публиката се врати на стадионот и очекува поддршка на мечот со Казахстан, слична како на таа во вторникот на средбата со Словенија.
– Прекрасно е чувството кога се игра пред публика. Како што кажав и претходно, Македонија секогаш игра на победа, така беше и против Словенија, така ќе биде и утре. Казахстан не е репрезентација што треба да се потцени, утре ќе дадеме максимум во обид со победа да ги израдуваме нашите навивачи кои верувам ќе дојдат во голем број да нè бодрат – рече Елмас.
Мечот против Казахстан се игра утре со почеток од 18 часот на Националната арена „Тодор Проески”.