Јелена Жугиќ го прозва Петре Шилегов: Три години ги маткаш скопјани за Универзална сала, сега ќе ја рушиш?!
Три години ги маткаш скопјани, после предизборните спотови со децата од Златно Славејче на тема „Универзална сала бренд и приоритет за изградба“ во твојата програма, пишува актерката Јелена Жугиќ на Фејсбук, обраќајќи му се директно на скопскиот градоначалник.
– Потпишавте меморандум за соработка со министерот за култура, па долго време си ја префрлавте топката кој ќе гради, оти нели излезе дека Град Скопје нема пари. Па ја префрлавте изградбата на Министерство за култура, па тоа се произнесе дека нема предвидено буџет за таа намена, па добивте пари од Владата за реконструкција, чинам 30 милиони денари… Па лично ти Петре, како одговор на мое советничко прашање, мислам во октомври 2019 година, изјави дека до декември 2019 ќе ги информираш официјално граѓаните дали ќе се реновира и реконструира или ќе градите нов објект …
– Во јули 2020 протнуваш информација за парк и летна сцена на најубавата локација за сала од тој тип, а Градскиот парк е во непосредна близина?! При тоа никаков детал каде и кога ќе биде новиот објект на Универзална сала, оти дури сега ќе почнете дебати за локација на концертната сала – пишува Жугиќ.
Во меѓувреме, потсетува таа, луѓето кои се вработени во Универзална сала се безбедносно загрозени со секое одење на работа, оти објектот се распаѓа.
– За вработените ќе адаптиравте спрат од библиотеката „Браќа Миладиновци“?! Просечниот буџет кој секоја година Град Скопје го доделува на Универзална сала, иако нема скоро никаква културна активност, е 13 милиони денари годишно?! Чисто за споредба , со 3 милиони денари, во „Театар Комедија“ сум продуцирала три премиери кои полнеле сали и биле профитабилни! – пишува Јелена Жугиќ и му порачува на ЃИлегов дека ќе си заминеш и ќе дојде друг градоначалник кој тоа што ќе го вети во предизборната кампања, тоа и ќе го исполни.