Електронското гласање на изборите во април е невозможна мисија

Кога сакате да направите софтвер за електронско гласање потребно е софтверот да го прави комисија формирана од универзитетски професори, асистенти, експерти, како и од членови на политичките партии. Проблем е довербата во самиот процес, велат од Секторот за информатичка технологија во ДИК.

310

Поради состојбата со коронавирусот во земјава, сè понеизвесно е одржувањето на парламентарните избори закажани на 12 април. Партиските лидери, кои и покрај тоа што минатата недела се договорија да ги откажат митинзите, но не и да ги одложат изборите, сега едногласно прифаќаат денот на гласањето да се помести за некои подобри времиња.

По сè изгледа, одлуката за одложување на изборите е единственото прифатливо решение во оваа ситуација, коментираат експертите, и додаваат дека, за жал, во моментов во Македонија не постои алтернатива со која би можело да се изврши гласањето без да бидат гласачите приморани да ги напуштат своите домови.






Раководителот на Секторот за информатичка технологија во Државната изборна комисија (ДИК), Владо Васиљевски, во изјава за Плусинфо вели дека не постојат ниту минимални шанси да се спроведе електронско гласање за изборите на 12 април.

– Нема време за спроведување на електронско гласање за изборите кои се закажани на 12 април. За да се направи и за да профункционира еден таков систем, најпрво треба да поминат најмалку две години. Заштитата е најголем проблем. Кога сакате да направите софтвер за електронско гласање потребно е софтверот да го прави комисија формирана од универзитетски професори, асистенти, експерти, како и од членови на политичките партии. Проблем е довербата во самиот процес. Некој треба да утврди дека е во ред сето тоа што е напишано и сите да имаат доверба во напишаното. Ако само една политичка партија нема доверба во тоа што е направено, тогаш сѐ ќе падне во вода. Засега, како што стојат работите, ние немаме ниту софтвер, ниту инфраструктура која ќе овозможи електронско гласање – објаснува Васиљевски.

Не можеме до 12 април да организираме електронско гласање

Петар Арсовски Политички аналитичар

И политичкиот аналитичар Петар Арсовски тврди дека вистинско електронско гласање во моментов во Македонија не може да се изведе затоа што луѓето немаат дигитален идентитет.

– Постојат повеќе нивоа на електронско гласање. Едното е електронско броење, а тоа значи дека одиш на изборно место, го означуваш ливчето и машината го брои. Второто ниво е на секој гласач да му биде доделен токен и преку тој уред да се изврши гласањето. Јас не знам за ниту една држава во светот која има организирано електронско гласање преку далечински управувач. Не верувам дека Државната изборна комисија во моментов има капацитет на сите полнолетни граѓани во земјава да им додели електронски уреди за гласање од дома. Тоа не знам дали го има применето ниту една земја во светот, така што сегашниот модел на електронско гласање за кој се зборува во Македонија би значело повторно одење на избирачки места. Па така, освен спроведување или одложување на изборите, ние немаме трета опција. Не можеме до 12 април да организираме електронско гласање – објаснува Арсовски.

Електронското гласање веќе активно се практикува во развиените држави како САД, Канада, Бразил и Венецуела на американскиот континент. Во Азија, на пример, ваквиот вид гласање се спроведува само во Јапонија, додека, пак, во Европа, електронски гласаат Холанѓаните, Британците, Естонците, Швајцарците, Французите и Ирците. На Балканот, единствено Словенија има изгласано закон за електронско гласање, но и таму не е комплетно спроведен, па најчесто се користи само за болните и за инвалидизираните лица.

Поврзани содржини