ЕКВАДОР ГО СЛАВИ ВАЛЕНСИЈА Домаќинот Катар со 2:0 загуби на отворањето на Мундијалот (ВИДЕО)
Во вториот натпревар од А групата ќе се судрат селекциите на Холандија и Сенегал, в понеделник од 17:00 часот.
Фудбалската репрезентација на Еквадор со победа го отвори 22-то Светско првенство, откако со сигурна претстава со 0-2 славеше над домашната селекција на Катар. Впрочем со оваа победа Еквадор сруши традиција долга цели 92 години, и еден домаќин за првпат е поразен на отворањето на СП.
Според формациската поставеност на селекциите на терен, двајцата селектори се одлучија за офанзивни состави, со по двајца напаѓачи. Предводник на Еквадор беше првата ѕвезда Енер Валенсија, додека за домаќинот лидерската улога ја доби капитенот Ал Хејдос. На официјалната прес-конференција искусниот еквадорски селектор Густаво Алфаро им ја препушти улогата на фаворит на домашните фудбалер, со образложение дека тие за овој натпревар се подготуваат дванаесет години, но на терен неговите избраници одиграа брилијантен натпревар и заслужено го запишаа првите три бода на шампионатот.
Првото возбудување на прекрасната арена „Ал Бајт“ пристигна по само три минути игра. По збрката во шеснаесетникот на домаќините, Торес одлично се снајде и ја испрати топката до Валенсија, а најголемата ѕвезда на јужноамериканската репрезентација со глава го совлада Ал Шеба. Но, голот беше поништен поради милиметарски офсајд од страна на Михаил Естрада, пред Торес да го проигра својот капитен.
Но, соиграчот на Алиоски во Фенербахче, во 15. минута повторно беше во фокусот на вниманието и ја доведе својата селекција до посакувано водство. Најпрво врз него беше направен прекршок за пенал, а потоа тој ја презеде одговорноста и со прецизен удар го постигна првиот погодок на планетарниот собир.
Домашните фудбалери уште несоземени од раниот шок, во 30. минута добија уште еден удар, кој повторно им го зададе 33-годишниот напаѓач на Еквадор. Овој пат Валенсија од тешка позиција со прекрасен удар со глава погоди на втора статива и донесе сигурни 0-2 за својата селекција, резултат со кој се замина на одмор. Очајниот Катар речиси ништо не понуди на терен во првиот дел и единствената полу-шанса ја имаше во самата завршница, кога Алмоез Али со глава биеше покрај голот на гостинската селекција.
A Mona Lisa teria inveja de uma obra de arte como essa, feita por Ener Valencia. pic.twitter.com/EBGhlwY2oJ
— wen (@lachxf) November 20, 2022
Шпанскиот стратег на клупата на Катар, Феликс Санчез, со формациска промена проба да ги „разбуди“ своите фудбалери во вториот дел, но Еквадор не го дозволи тоа и продолжи во ист стил. Тоа донесе голема шанса за 0-3 во 55. минута, но овој пат Ал Шаб беше на висината на задачата и го одбрани ударот на Ибара.
Притисокот на Еквадорците донесе уште неколку возбудувања пред катарскиот гол, па Санчез мораше да менува и во својот состав. Во 72. минута Вад и Мунтари добија шанса за деби на СП, но ниту тоа не донесе промени на настаните на теренот. Еквадор искусно ја контролираше играта и без потешкотии го одведе натпреварот до крај (0-2). Трите бода сигурно ќе се славаат во еквадорската соблекувална, но и ќе се чекаат резултатите од сериозноста на повредата на Валенсија, кој поради болки во коленото беше заменет во 77. минута.
Во вториот натпревар од А групата ќе се судрат селекциите на Холандија и Сенегал, в понеделник од 17:00 часот.