ЕКСПРЕС ОТКРИВА Одложена финалната пресметка на Скопското и Струмичкото крило во СДСМ
За повод да се расчисти со кадрите кои се уште се под директна контрола на Зоран и Вице Заев требало да биде искористена изјавата на американската амбасадорка Ангела Агелер која индиректно ја обвини владата дека е тотално корумпирана или дека намерно замижува пред криминалот и корупцијата.
Привремено е одложена финалната пресметка меѓу таканаречените Скопско и Струмичко крило во Социјалдемократскиот сојуз, тврдат партиски извори кои себе си се лоцираат во неутралните сили на партијата, пишува Експрес.мк.
Според нив планот на Скопското крило бил до Нова година од највисоки партиски и владини позиции да се повлечат сите луѓе кои имаат врска со партијата а се во блиски релации со кланот Заеви.
За повод да се расчисти со кадрите кои се уште се под директна контрола на Зоран и Вице Заев требало да биде искористена изјавата на американската амбасадорка Ангела Агелер која индиректно ја обвини владата дека е тотално корумпирана или дека намерно замижува пред криминалот и корупцијата.
Веднаш потоа следуваше и изјавата на шефицата на Антикорупциската комисија Билјана Ивановска според која владините институции спровеле само 20 проценти од мерките од акциониот план за Антикорупциската стратегија кои владата сама ги одобрила.
Меѓу најкрупните ѕверки од тие што треба да си заминат наскоро а се блиски на кланот Заеви и во СДСМ веќе се сметаат за штетни, се најмалку двајца министри кои во последниве недели водат високо интензивни кампањи за своите активности на социјалните мрежи.
Двајцата министри и во партијата и во јавноста се доживуваат како значително корумпирани а за едниот има и конкретен предмет во Обвинителстовото за организиран криминал.
Кампањите на овие двајца највисок соработници на Заев кои се уште се во владата меѓу сопартијците на шега се коментираат како ,,Последните денови”.
Планот на Скопското крило е да направи чистки во врвот на партијата и пред јавноста да прикаже дека се расчистува со корумпираното крило под контрола на кланот Заеви по што би можела да започне подготовка за предвремени избори.
На сите во СДСМ им е јасно дека со ваков тренд во јавноста и без големи ,,метли” избори во редовниот термин мај 2024 ќе значат катастрофален пораз, тврдат партиски извори кои раните избори временски ги лоцираат во периодот кога ќе заврши чистката на ,,заевистите” односно мај-јуни идната 2023 година.
Спроведување на планот по кратка постапка привремено го спречиле дел од луѓето кои станале високи партиски функционери во времето кога партијата и владата ја водеше Зоран Заев кои барале промените да не бидат радикални. Меѓу медијаторите кои учествувале во одложувањето на пресметката е и еден крупен бизнисмен.
Пресметката меѓу двете моќни крила засега е одложена но не и целосно откажана и може да се случи веднаш по нова година, тврдат изворите на expres.mk кои се дел од поголемата групација во која се одвива конфликтот.
Колкав е судирот меѓу посочените две крила според истите извори најдобро може да се види преку нападот на вицепремиерката за добро владеење Славица Грковска на државниот јавен обвинител Љубомир Јовески, преку интервјуто на директорката на УЈП Сања Лукаревска која јавно критикуваше низа чекори на владата во финансиите и економијата, преку смената на директорката на Државниот пазарен инспекторат која беше заменета со човек кој студирал 18 години но и преку изборот на новиот директор на АНБ.
Средината на јануари по божиќните празници е следниот термин кога повторно може да дојде до ескалација меѓу двете сега веќе непомирливи фракции во СДСМ.