Ексклузивен хотел кој нема само едно нешто… Засега!
Нашите љубезни домаќини во новоотворениот хотел со 5 ѕведи во центарот на Скопје, веднаш си ја запишаа во бележникот нашата примедба – да се постави паркинг за велосипеди. Патем, ни кажаа дека сме целосно во право, со оглед на тоа што дури и нашиот најголем режисер со светско реноме, Милчо Манчевски, вистински ги изненадил кога по нивниот состанок во „Лимак“, наместо во лимузина со шофер, се качил на велосипед.
Впрочем, како што ни прераскажа и самиот г.Озерман, на состанокот со нив во „Лимак“ со велосипед дошол и нашиот најголем режисер со светско реноме, Милчо Манчевски.
„Дел од новиот филм на Манчевски кој исклучително го почитувам, ќе се снима во нашиот хотел. Кога господин Манчевски беше на состанок со нас, по завршувањето на состанокот го испратив до влезот и се изненадив кога видов дека по него не доаѓа лимузина со шофер, туку тој си заминува на велосипед“, ни раскажа господин Озерман по нашата примедба дека немаат паркинг за велосипеди. Ни се заблагодари и ни кажа дека е воодушевен од тоа што во Скопје се возат многу велосипеди, а во споредба со неговиот град, Истанбул, нема ниту голем сообраќаен метеж.
Инаку, господин Озерман и нашата сограѓанка Јелена Костадиновиќ Танев, беа наши домаќини за време на обиколката што беше организирана за поголема група новинари.
Госпоѓа Костадиновиќ Танев не прошета низ овој нов и луксузен хотел во кој очигледно, не се штедело на ништо, од долу до горе и притоа ни раскажа многу интересни детали.
Од широкото и светло фоаје, па сѐ до огромната банкет сала на шестиот кат на објектот со скај бар и прекрасна панорама на градот, но и раскошниот претседателски апартман од 178 квадрати кој го носи името „Лотус“, како што и сите останати 19 помали апартмани од околу 77 квадрати, носат име на некој цвет.
Имено, ботаничките мотиви и цветовите се одлика на хотелот и тие се наоѓаат насекаде, давајќи му смирувачка нота на целиот амбиент.
Во рамките на хотелот има и современ фитнес и спа центар со масерки кои се дојдени од Бали и со оригинална турска бања, како и простран ресторан кој нуди врвно гастрономско уживање.
Скопскиот хотел е деветти хотел на групацијата Лимак, која во Турција поседува и управува со седум хотели и ресорти, како и со еден ресорт на Северен Кипар.
Хотелот Лимак во Скопје содржи и повеќе сали за конференции и состаноци кои исто така се уникатни по изобилството на светлина и многу зеленило, кои се генерална карактеристика и на целиот објект.
Според плановите и динамиката на работа, во летото 2022 година овде треба да никне и целиот комплекс на Diamond of Skopje.